Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Велешкиот театар со премиера на „Драма изгубена во времето“ од Сашко Насев, во режија на Деан Дамјановски

Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ за петок, 10 ноември, ја најавува премиерната изведба на текстот „Драма изгубена во времето“ на Сашко Насев, во режија на Деан Дамјановски. „Драма изгубена во времето“ е едно од последните драмски дела на Насев, работена според мотиви од расказот „Темносино, речиси црно“ на грчкиот писател Танасис Валтинос, но и според мотиви од други домашни и странски дела.

Оваа драма претставува колаж од теми кои се концентрирани околу единствените два лика – ликот на ТАА и ТОЈ, двајца актери кои во текот на дејството се навраќаат на своите професионални и приватни животи. ТАА, актерка во зрели години, ја игра Талија Настова, а ТОЈ, искусен актер – Самоил Стојановски.

Во оваа игра на реминисценции се бришат границите меѓу реалноста и сценскиот живот и читателот често не знае дали ликовите се играат себеси или играат други ликови. Насев тоа го многу умешно го прави преку нијансираните и зачудни ликови, неочекуваните пресврти, вештиот дијалог, како и преку употребата на средства од медиумот на филмот.

Крајниот резултат е една современа драма во која театарската сцена е претставена како место на кое се преплетуваат различни перспективи и стварности, актери и нивните ликови и каде се слави животот во целата негова комплексност и убавина.

Претставата „Драма изгубена во времето“ тргнува токму од таа „колажност“ на темите во текстот и ја развива во еден недефиниран простор кој може да биде театарска сцена, работната соба на писателот, неговата глава… Темите во претставата, организирани како во своевиден лавиринт, се преплетуваат околу прашањата – Што е стварноста, а што театарот? Каде завршува едното, а почнува другото? Колку е стварна стварноста?

Ваквата структура на лавиринт, кој има само влезови, но не и излез, која само поставува прашања, но не дава одговори, е изградена со средствата на актерската игра, театарскиот, како и филмскиот медиум. Комбинирани заедно тие создаваат напната атмосфера на чекање – чекање да дознаеме нешто, чекање да заврши претставата, драмата, животот…

Претставата „Драма изгубена во времето“ зборува за релативноста на односот помеѓу стварноста, паметењето и означувањето – помеѓу слученото, запишаното и одиграното. Таа зборува за невозможноста да се достигне Вистината и да се запознае Стварноста, што, од една страна е поразително сознание, но, од друга, толку многу инспиративно. 

Сценографија е на Филип Коруновски, видео дизајнот и фотографијата на Данчо Стефков, аудио дизајнот на Сашко Костов, а дизајн на светлото на Марјан Тодоровски.

Сашко Насев е еден од најплодните македонски драмски автори и професор на Факултетот за драмски уметности на катедрата за Драматургија и филмско сценарио. Меѓу неговите најпознати дела се вбројуваат драмите „Грев или шприцер“, „Чија си“, „Женски оркестар“ 1 и 2, „Доле влада“, „Магдо, љубов моја“, кои се преведени на повеќе јазици и кои се играни над стотина пати на сцените во Македонија и надвор од неа.

Насев е автор на неколку филмски сценарија, меѓу кои и за долгометражниот игран филм „Самоуништување“ со незаборавниот лик „Чичко Кумплунг“. Автор е и на сценаријата за ТВ сериите „Бумбари“ и сега актуелната „Црвениот поет“.

Зачлени се на нашиот е-билтен