Велигденската трпеза ги стега семејните буџети

Инспекциите се засилени, потрошувачката се зголемува, а граѓаните се соочуваат со уште една Велигденска пресметка – оваа година со цени што тешко се голтаат.

Додека семејствата низ Македонија се подготвуваат за најголемиот христијански празник, институциите алармираат за сериозни пропусти на пазарот. Агенцијата за храна и ветеринарство во рамки на засилените претпразнични контроли открила и уништила 1.230 килограми небезбедни производи, од кои најголем дел биле месо и месни преработки, но и јајца, мед, ракија, маслиново масло, па дури и бои за јајца.

„Целта е спречување на ризик по здравјето на граѓаните и елиминирање на нелегалната трговија која повторно се појавува во шпицот на потрошувачката“, велат од Агенцијата.

Семејна трпеза, но по која цена?
На пазарите низ земјата, цените на традиционалните велигденски производи значително пораснаа, ставајќи дополнителен притисок врз семејните буџети:

– Јагнешко месо: 500–600 денари по килограм

-Табла јајца: 250 денари

-Компири: 50–70 денари

– Краставици: до 130 – 150 денари

-Домат: 150 – 180 денари

-Зелка, млад кромид, марула: 30–50 денари

Многу семејства пресметуваат дека само основната празнична трпеза ќе ги чини неколку илјади денари – сума која за многумина е тешко остварлива.

Инфлацијата се намалува – но не и цените на тезгите

И покрај официјалните податоци од Државниот завод за статистика кои покажуваат дека инфлацијата во март опаднала за 1,3% во однос на февруари, реалноста на терен е далеку од охрабрувачка. Купувачите велат дека „намалување“ не се чувствува ниту во кошничката, ниту во паричникот.

Владата тврди дека мерките делуваат – цените на осум основни производи (леб, млеко, јајца, масло итн.) се замрзнати, а профитната маржа е ограничена на:

5% за основни производи (леб, млеко, брашно, масло)

10% за месо, млечни производи, ориз, тестенини

15% за свежо овошје и зеленчук, хигиена, бебешка храна

Но, дури и со овие интервенции, цените на терен остануваат високи, особено кај производите надвор од строго регулираните категории.

Празниците би требало да бидат време на собирање и изобилство. Но за сè поголем број семејства, тие се претвораат во период на калкулации и ограничувања. Додека инспекциите уништуваат небезбедни производи, а институциите ветуваат стабилни цени, купувачите во маркетите и на пазарите сведочат поинаква слика – онаа на континуирано зголемени трошоци и сè помалку можности за избор.

Зачлени се на нашиот е-билтен