Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Велигденски благослов на папата Франциск

 Папата Франциск во благословот Urbi et Orbi денеска повика на прекин на огнот во Газа и пристап до хуманитарна помош во областа и му порача на Западен Балкан дека етничките, културните и верските разлики не треба да бидат причина за поделба, туку извор на богатство.

Говорејќи од централниот балкон на базиликата Свети Петар, Папата рече дека во мислите „првенствено му се жртвите на бројните конфликти што се случуваат во светот, почнувајќи од војните во Израел и Палестина, како и во Украина“.

– Повикувајќи на почитување на принципите на меѓународното право, ја изразувам мојата надеж за размена на сите затвореници меѓу Русија и Украина, сите за сите. Повторно апелирам да се гарантира пристап до хуманитарна помош во Газа и го повторувам мојот повик за итно ослободување на заложниците киднапирани на 7 октомври минатата година, како и на итен прекин на огнот во Појасот Газа, рече папата.

Тој посебно се осврна на децата во воените зони кои „веќе не знаат да се смеат“ и кои се прашуваат „зошто толку многу смрт и уништување“.

Папата се обрати и до земјите од Западен Балкан.

– Посебно во мислите ми е Западен Балкан, каде што се преземаат значајни чекори кон интеграција во европскиот проект. Етничките, културните и верските разлики не треба да бидат причина за поделба, туку треба да станат извор на богатство за цела Европа и целиот свет, рече тој.

Франциск нагласи дека војната е „секогаш апсурдна и секогаш пораз“ и оти „не се гради со оружје, туку со подадени раце и отворени срца“. Тој рече дека не смеат да се заборават Сирија и Либан, дека треба да се охрабруваат разговорите меѓу Ерменија и Азербејџан и оти политичарите треба да се справат со шверцерите на луѓе.

– Нека велигденската светлина ни го просветли нашиот ум и нека ги претвори нашите срца за да станеме свесни за вредноста на секој човечки живот што треба да се прифати, заштити и сака, рече 87-годишниот папа Франциск.

Зачлени се на нашиот е-билтен