Велика Британија се соочува со потенцијална гасна криза, бидејќи залихите паднаа на нивоа доволни за само еден и пол до два дена потрошувачка, што дополнително ги поттикнува стравувањата од прекини во снабдувањето од регионите на Блискиот Исток, погодени од војна, објави „Телеграф“ .
Според податоците од операторот на преносниот систем „Нешнал Гас“, резервите на гас во Велика Британија се намалија од 18.000 GWh минатата година на околу 6.700 GWh, што покрива побарувачка за околу ден и половина. Слична количина е достапна и во форма на течен природен гас (LNG), додека во остатокот од Европа има доволно залихи за неколку недели.
Најскапиот бензин во Европа
Недостатокот на залихи ја турна Велика Британија на врвот на европската листа на цени на гас на големо. Трговците наплаќаат премија бидејќи Велика Британија, поради ограничениот капацитет за складирање, мора да понуди повеќе од своите конкуренти за да обезбеди залихи.
„Цената на гасот во Велика Британија се зголеми повеќе од речиси насекаде во Европа. Цената во британскиот гасен центар сега е повисока од цената во холандскиот TTF, главниот европски центар, и ќе остане таква до крајот на мај. До оваа недела, цената во Велика Британија беше пониска од онаа во ЕУ“, изјави Наташа Филдинг од „Аргус Медиа“.
Голдман Сакс предупреди дека прекинот во снабдувањето со нафта од Блискиот Исток е „17 пати поголем од врвот на падот на руското производство во април 2022 година“ по инвазијата на Украина.
Банката проценува дека цените на нафтата би можеле да надминат 100 долари веќе следната недела доколку нема знаци за ублажување на кризата, а исто така предупреди и на можноста нафтените производи да ги достигнат или надминат рекордните нивоа од 2008 и 2022 година доколку протокот низ Ормутскиот теснец остане ограничен во текот на март.
Професорот Мохамед Ел-Ериан од Универзитетот во Пенсилванија предупреди дека домаќинствата во Велика Британија ќе бидат „погодени од повеќе страни“. „Уште еднаш, се покажува дека Велика Британија е поранлива на надворешни шокови од вообичаеното, што ќе се одрази во повисоки каматни стапки за хипотеки.
„За жал, просечниот граѓанин ќе биде засегнат на многу начини“, изјави тој за BBC Radio 4. Додаде дека луѓето ќе ги почувствуваат повисоките цени на енергијата, потенцијално повисоките каматни стапки на кредитите и повисоките цени на стоките и услугите поради нарушувањата во синџирите на снабдување.
Велика Британија во последниве години сè повеќе се потпира на постојан проток на течен природен гас (LNG) преку танкери, првенствено од САД, и на гас од Норвешка преку цевковод. „Телеграф“ објави дека земјата некогаш имала резерви за околу 12 дена, но финансирањето за складирање постојано се намалувало, што довело до затворање на капацитетите во текот на изминатата деценија.