– Економијата на Велика Британија на крајот на минатата година, според прелиминарните проценки, влезе во техничка рецесија по кварталниот пад од 0,3 отсто во четвртиот квартал од 2023 година, објави денеска на својата веб-страница британската Канцеларија за национална статистика (ОНС).
Британската економија претходно падна за 0,1 отсто квартално во третото тромесечие од минатата година, така што економијата е во пад веќе два квартали по ред, пренесува Скај њуз.
Економијата влезе во рецесија поради големиот пад на производството во четвртиот квартал од 2023 година.
Производството во услужниот сектор е намалено на квартално ниво за 0,2 отсто, особено во трговијата на големо и мало, и во двата случаи за 0,6 отсто.
Во наведениот период извозот е намален за 2,9 отсто, а увозот за 0,8 отсто.
Потрошувачката моќ на британските граѓани е намалена поради зголемените животни трошоци, високата инфлација и цените на енергијата.
Скај њуз претпоставува дека оваа рецесија ќе биде краткотрајна и блага и дека нема значително да се одрази на секојдневниот живот на потрошувачите, но смета дека тоа е секако лоша вест за британскиот премиер Риши Сунак.