Во најновото мислење усвоено на пленарната седница во Венеција на 9 и 10 октомври 2025 година, Венецијанската комисија на Советот на Европа испрати јасна порака до македонските власти: вистинска независност на Јавното обвинителство не може да се постигне без уставни измени. Според Комисијата, иако двата нацрт-закона — за Јавното обвинителство и за Советот на јавни обвинители — претставуваат чекор напред во реформите на правосудниот систем, сегашниот уставен модел и натаму остава простор за политичко влијание врз изборот и работата на обвинителите.
Комисијата препорачува јавниот обвинител да се избира со двотретинско мнозинство во Собранието, со што би се обезбедил поширок политички консензус и би се ограничила партизацијата на функцијата. Дополнително, предлага да се укине можноста за негов реизбор, бидејќи неповторливиот мандат, како што наведува, е клучен за вистинска институционална автономија. Во мислењето се потенцира дека сегашната пракса — според која јавниот обвинител се избира и разрешува со просто мнозинство по предлог на Владата — создава ризик од зависност од извршната и законодавната власт.
Во однос на Советот на јавни обвинители, Венецијанската комисија укажува дека иако составот е урамнотежен, сепак се потребни дополнителни мерки за да се спречи прекумерно влијание од обвинителската фела и политичките центри на моќ. Таа предлага појасни критериуми за избор на членовите што ги избира Собранието, со вклучување на универзитетите, адвокатурата и граѓанскиот сектор во процесот, за да се гарантира вистинска транспарентност. Обвинителите што ќе станат членови на Советот треба да ги замрзнат своите функции додека трае нивниот мандат — мерка што, според Комисијата, ќе го намали ризикот од конфликт на интереси.
Во мислењето се предлагаат и конкретни подобрувања на дисциплинските постапки, со појаснување на поимите како „несоодветно однесување“ и „оштетување на угледот на обвинителството“, за да се спречат произволни толкувања и евентуални злоупотреби. Комисијата препорачува Владата секогаш писмено да го образложи своето отстапување од мислењето на Советот при разрешување на јавниот обвинител, а оценувањето на работата на обвинителите да биде транспарентно и одвоено од дисциплинската одговорност.
Позитивно е оценета и намерaта Јавното обвинителство да управува со сопствен буџет, како и зголемувањето на минималното учество на средствата во државниот буџет од 0,4 на 0,5 проценти. Сепак, Комисијата потсетува дека овие бројки мора реално да се почитуваат во пракса, бидејќи според добиените информации, досега тоа ретко се случувало.
На крајот, Венецијанската комисија заклучува дека реформските напори на Министерството за правда се чекор во добра насока, но предупредува дека без јасни уставни гаранции за независност, сите законски измени ќе останат половични. „Само преку уставно обезбедена автономија на Јавното обвинителство може да се воспостави вистински независен и одговорен правосуден систем,“ стои во документот. Комисијата најавува дека ќе продолжи да ѝ помага на Северна Македонија во усогласувањето на домашното законодавство со европските стандарди и принципите на владеење на правото.