Венецијанската комисија даде зелено светло за македонските правосудни реформи

Венецијанската комисија на Советот на Европа денеска даде позитивно мислење за Предлог-законот за јавно обвинителство и Предлог-законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија.

На 144-та пленарна сесија што се одржа во Венеција, беше усвоено Заедничкото мислење за двата закона, со кое се потврдува дека законските решенија се целосно усогласени со европските принципи за професионалност, ефикасност и транспарентност во работата на обвинителството.

Во документот, Комисијата ја поздрави реформската посветеност на Министерството за правда, оценувајќи дека при изработката на законите бил запазен инклузивен и транспарентен процес, во кој се имплементирани сите досегашни препораки. Дополнително, Венецијанската комисија упати неколку сугестии за подобрување на текстот, во насока на натамошно унапредување на правната рамка.

На пленарната сесија, во име на Министерството за правда, се обрати проф. д-р Александра Деаноска Трендафилова, претседателка на Работната група која ги подготви двата закона.

Од Министерството порачаа дека ќе продолжат посветено да работат на спроведување на препораките, на унапредување на правосудните институции и на јакнење на владеењето на правото.

„Ова позитивно мислење претставува важна потврда на нашата европска определба и на транспарентниот пристап што го применуваме во процесот на реформирање на правосудството. Целта е градење правен систем кој ги одразува највисоките стандарди на демократија, правда и интегритет,“ стои во соопштението на Министерството за правда.

Двата закони се дел од Реформската агенда на Европската Унија, со рок за имплементација до декември 2025 година, и се сметаат за клучен чекор во процесот на приближување на Северна Македонија кон европските правосудни стандарди.

Зачлени се на нашиот е-билтен