„Денес, на 28 август 2025 година — на празникот Успение на Пресвета Богородица, ден исполнет со љубов, надеж, обновување и заштита — со голема одговорност и почит, ја објавувам мојата независна кандидатура за градоначалник на Кочани. Нашиот град заслужува повеќе. Заслужуваме безбедено, чисто и модерно Кочани — град кој ќе се развива со срцето на Европа, но управуван од волјата на сопствените граѓани“, вели Крстевски во објавата на Фејсбук.
Смета дека во изминатите четири месеци, иако кратки, е направено многу во градот, но оти уште поважно е дека се покажа кога постои волја, постојат и решенија.
„Ова е првото лето кога депонијата не гори. Ова е првото лето кога Кочани не дише пластика. Тоа не е случајност. Тоа е резултат на работа, храброст и одлуки. Остварив и значајни дипломатски средби со амбасадори, кои ќе бидат нашите партнери и поддржувачи во обновата на Кочани, град што премногу долго беше занемарен и уништуван. Последиците од тоа ги осетивме сите. Јас не ветувам чуда. Јас покажав резултати. Во најтешките моменти бев тука. Не пред камерите, туку пред народот, лице в лице, без страв и без калкулации. Јас не доаѓам да владеам, туку да служам. Ова не е политичка битка. Ова е граѓанска обврска. Да покажеме дека Кочани може поинаку! Достоинствено, европски и човечки. Да го вратиме гласот на граѓаните. Да го вратиме достоинството на градот. Да ја вратиме локалната самоуправа на граѓаните!Со срце и душа за Кочани“, посочува Крстевски.