Венс: САД сакаат да организираат средба меѓу Трамп, Путин и Зеленски

Gage Skidmore from Surprise, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons
Gage Skidmore from Surprise, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons

САД работат на „организирање“ на средба меѓу Доналд Трамп и неговите колеги Владимир Путин и Володимир Зеленски, изјави американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, додека европските сојузници на Украина инсистираа на присуството на Зеленски на самитот САД-Русија во Алјаска.

„Една од најголемите пречки е тоа што Владимир Путин рече дека никогаш нема да седне на маса со (Володимир) Зеленски, украинскиот лидер, а претседателот (Трамп) успеа да го промени тоа“, рече Венс во интервју за конзервативниот канал Фокс њуз.

Сега, додаде тој, американската администрација работи на „планирање (моментот) кога овие тројца лидери ќе можат да седнат и да разговараат за крајот на овој конфликт“ во Украина, објави АФП.

Лидери на Европската Унија и големите сили на Стариот континент повторно го повикаа Киев да биде вклучен во разговорите САД-Русија, неколку дена пред самитот меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин во Алјаска.

Володимир Зеленски, кој нема да присуствува на состанокот, ги повика своите европски сојузници, особено Франција, Германија и Обединетото Кралство, кои исто така се исклучени од разговорите, да дефинираат заеднички пристап.

За денес е закажан „итен состанок“ преку видеоконференција меѓу министрите за надворешни работи на ЕУ и нивниот украински колега.

Амбасадорот на САД во НАТО, Метју Витакер, од своја страна, навести дека украинскиот претседател би можел да присуствува на состанокот.

„Да, мислам дека е секако можно“, одговори американскиот дипломат во Атлантската алијанса, кого Си-Ен-Ен го праша за евентуалното присуство на украинскиот шеф на државата во Алјаска.

„Секако не може да има договор ако сите засегнати страни не го потпишале. И, секако, апсолутен приоритет е да се стави крај на војната“, тврдеше Витакер.

Но, на крајот на краиштата, одлуката ќе биде на Доналд Трамп, предупреди неговиот амбасадор во НАТО.

„Ако одлучи дека поканата на Зеленски е најдобрата опција, тогаш ќе го стори тоа“, увери тој.

Но, „не е донесена никаква одлука“, нагласи поранешниот федерален обвинител.

Зачлени се на нашиот е-билтен