Минатата година Германија произведе рекордно количество електрична енергија од обновливи извори на енергија, покажуваат податоците на германскиот завод за статистика.
Речиси три петтини од електричната енергија, 59,4 отсто, била произведена и испорачана во мрежата од извори како што се ветер, сончева енергија, биогас и вода. Речиси секој месец минатата година во мрежата била испорачана повеќе зелена струја отколку електрична енергија произведена со согорување на фосилни горива, пишува SEEbiz.
Минатата година, инаку, Германија произведе вкупно 256,4 милијарди киловат-часови електрична енергија од зелени извори, 2,3 отсто повеќе отколку во 2023 година.
Најзначаен извор, како и претходната година, беше енергијата на ветерот, со мало зголемување на учеството во вкупното производство, од 30,8 на 31,5 отсто.
Ветерот го престигна јагленот како најголем извор на електрична енергија во 2023 година.
Производството на електрична енергија од фотоволтаична енергија значително се зголеми, за десет отсто на 59,5 милијарди киловат-часови. Уделот на тој извор сега скокна на рекордни 13,8 отсто.
Јагленот продолжи да го губи своето значење во домашното производство на електрична енергија.
Производството од 97,2 милијарди киловат-часови беше за 16 отсто помалку од претходната година, а учеството на јагленот во вкупното производство падна на 22,5 отсто, помалку од кога било досега и по 25,9 отсто во 2023 година.
Во 2024 година Германија произведе вкупно 431,5 милијарди киловат-часови електрична енергија, или 3,6 отсто помалку од претходната година. Производството падна поради намалената индустриска побарувачка и зголемениот увоз.