Според пресметките на Министерството за финансии, линеарното зголемување на пензиите ќе чини месечно дополнителни „само“ 3 милиони евра во однос на законското усогласување со трошоците за живот и со растот на платите, а државата ќе добие дупка во буџетот од 100 милиони евра, и уште толку со следните 2500 денари во март идната година. Но, фискалниот совет и експертите предупредуваат дека ќе се продлабочи дупката што мора да се крпи со пари од државната каса, поради недоволни средства од пензиските придонеси. Сега државната дотација е 34,5 проценти.
Демографските трендови во државата се неповолни. Со учество од 20 проценти на возрасната популација над 65 години, Македонија и според европската дефиниција е во групата земји што демографски се карактеризираат како земји со старо население. Но, нашето возрасно население нема „розов стандард“. Во Македонија, според последните податоци од Фондот за ПИОСМ, има 337.871 пензионери, а просечната пензија е 22.187 денари. Меѓутоа, според структурата на примањата, дури 126.168 пензионери, или 37,3 проценти имаат пензија до 16.909 денари!
Токму податокот дека во државава има пензионери со пензии со кои не може да се опстане, новата Влада најави линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари, а потоа се премисли па го подели на двапати по 2.500 денари, еднаш во септември е еднаш во март наредната година.
Според Законот за пензиско и инвалидско осигурување, усогласувањето на пензиите се врши двапати годишно, на први март и на први септември.
„Усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 отсто и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во висина од 50 отсто“, пишува во Законот. Регулативата објаснува и дека за мартовското усогласување се земаат податоците од второто полугодие од претходната година, а за септемвриското, податоците од првото полугодие во истата година.
Според пресметките на министерството за финансии, од Централниот буџет до буџетот на ПИОМ се трансферираат по сите основи 34,5% од вкупниот буџет на ПИОМ, останатите средства ПИОМ ги обезбедува од сопствени извори на приходи, односно социјални придонеси на плати.
Според податоците од Фондот на ПИОМ, најниските лични пензии се 13.152 денари и тие се за постарите пензионери што своето пензиско право го имаат остварено од 1 јануари 1997 година. Тогаш се смениле процентите за пресметка, па така оние што отишле во пензија во годината пред нив, имаат најповолна најниска пензија од 16.144 денари. За пензионерите што го остваруваат своето право од 1 јануари 2002 година, најниската пензија е 13.852 денари.
Бидејќи постојат и семејни пензии, каде што се наследува пензијата од починатиот, како и инвалидски, во државава има дури 22.972 корисници, или 6,8 од пензионерите со пензии до 13.192 денари.
Според податоците од Евростат, македонската просечна пензија е 342 евра, бугарската 226, во Албанија просекот е 131, во БиХ 237, во Србија 383, а во Црна Гора 291 евра – вели Николовски.
Сите вработени по 1.1.2003 година се задолжителни членови на втор пензиски столб. Од пензискиот придонес две третини оди во државниот фонд, а една третина во задолжителниот приватен фонд по избор на осигуреникот. Сегашната стапка на пензиски придонес е 18,8 проценти, но кога се конципирал двостолбниот пензиски систем, стапката на пензиски принос била 21,2 проценти. Според податоците на Евростат, Македонија е земја со најголем раст на учеството во популацијата на лица на возраст од над 65 години во периодот од 2012 до 2022 година помеѓу европските земји. Добрата вест е што се поправил соодносот меѓу осигурениците и пензионерите. Ако во 2003 година тој бил 1,3, тој според последните податоци за 2022 година достигнал 1,7 кога 572.327 вработени што плаќаат пензиско осигурување финансирале 334.816 пензионери. Лошата вест е дека овој сооднос од 1,7 вработен наспроти еден пензионер е влошување во однос на претходните години. На пример, во 2015 и во 2016 година, соодносот бил 1,9.