Вевчани повторно станува држава: Три дена сатира, маски и слободен говор на најстариот карневал

Од 12 до 14 јануари, Вевчани повторно се претвора во центар на случувањата во Македонија, каде што традицијата добива форма на слободен говор, а маската станува алатка за порака. Новото издание на Вевчанскиот карневал, еден од најстарите живи карневалски обичаи во Европа, најавува три дена исполнети со сатира, музика и јавна критика, пренесувана од генерација на генерација повеќе од 14 векови.

Со ритамот на тапаните и писокот на зурлите, во Вевчани годината не започнува според календарот, туку со празникот на Свети Василиј, кога селото симболично се прогласува за „држава“, а улиците стануваат сцена на слободното изразување. Карневалските маски, како што велат домаќините, не се само форма на критика, туку и повод за забава, смеа и колективно ослободување.

„Маските во Вевчани секогаш носат порака, но таа порака е пренесена со духовитост и мера. Карневалот е место каде што заедницата зборува гласно, но преку смеа“, велат од локалната самоуправа, посочувајќи ја социјалната улога на карневалот како огледало на времето во кое живееме.

Вевчанскиот карневал одамна ја надминал рамката на фолклорен настан. Тој е простор каде што јавноста ги искажува своите ставови, грижи и реакции кон општествените појави, на начин кој е препознатлив, прифатлив и автентичен. Маската станува симбол на слободата, а смеата – механизам за растоварување од секојдневните притисоци.

Организаторите најавуваат дека и годинава посетителите ги очекува уникатно доживување исполнето со музика, игра, оригинални маски, силен вевчански дух и традиционално гостопримство. „Вевчански карневал 2026“, како заштитено нематеријално културно наследство, повторно ќе биде место каде што традицијата и современоста се судираат – со насмевка и порака.

Зачлени се на нашиот е-билтен