За да се заштитиме од дневно-политички изјави и од ситуации на тензија и набој ги имаме обврските јасно запишани во заклучоците и преговарачката рамка и од наша и од страна на Бугарија, со цел да се зачува духот на пријателството, нагласи вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во гостување на ТВ Телма.
-Штом ќе ги завршиме уставните измени треба да започне отворањето на кластерот еден, како и останатите кластери. Ние во меѓувреме, не го губиме времето, еве веќе сме навлезени во вториот кластер „внатрешен пазар“ и очекуваме до тогаш да имаме скрининг извештаи за два кластера – „внатрешен пазар“ и „темелни вредности“. Тоа ќе ни овозможи да имаме листа на задачи, вклучувајќи го и Акцискиот план за малцински права, на којшто Бугарија инсистираше и ќе имаме задачи кои ќе ни бидат јасно исцртани до членството. За да бидат тие задачи европски валидирани треба да ги прифатат сите, како Бугарија, но и другите земји-членки, истакна Маричиќ.
Според него, Бугарија има интерес да се усвои овој Акциски план што побргу, бидејќи од тој план произлегуваат обврските за земјава, но и инструментите за дополнителна заштита на бугарската заедница.
-Во интерес на Бугарија, но и на сите земји-членки е во интерес трите патокази за владеење на правото, демократските институции и јавната администрација. но и Акцискиот план за малцински права да бидат усвоени што поскоро, зашто тоа ќе и даде на Бугарија инструменти да мониторира што ние правиме по тоа прашање. Тие патокази и тој план треба да бидат направени на европски начин и базирани на европските обврски, за да не биде билатерализиран процесот и за тоа треба сите земји-членки да се согласат. Тој баланс е неопходен, кажа Маричиќ.
Тој кажа дека многу е важно да се има јасна агенда на легитимни и регуларни елементи на заштита на било која заедница.
-Северна Македонија е држава која има одлично досие во заштита на малцинствата и заедниците кои не се мнозинство. За да нема еднострани интерпретации само Бугарија е битно да ги дефинираме сите точки од Акцискиот план за малцински права и на Патоказот за владеење на правото, за сето тоа да биде под европска контрола. Тоа ни е нам многу важно за да нема еднострани интерпретации и злонамерни интерпретации и од поединци и од институции, кажа Маричиќ.
Нам ни е битно да функционираат институциите во вакви ситуации и инциденти, а тоа го покажавме на дело, оцени вицепремиерот.
– Уапсени се сторителите, имаше институционална реакција, имаше и политичка осуда на тие инциденти и го чуваме пријателството, а токму тоа подразбира и да се заштитиме од запаливи и понижувачки изјави од страна на бугарските политичари, како што е Џамбаски. Затоа е многу важно да го чуваме пријателството со тоа што ќе внимаваме сите, од двете страни, што ќе изјавиме и да имаме институционална реакција на евентуалните инциденти, рече Маричиќ.
Тој додаде дека ако се задржи ваквата линија ќе може да се изгради една заедничка атмосфера, во која ќе може да ги отвориме уставните измени.
– Мислам дека во скоро време тие треба да бидат и формулирани и да видат граѓаните дека тоа не е ништо страшно за нашиот систем, но најважна ќе биде атмосферата во којашто ќе се одвива таа дискусија. Не сакаме да се повтори она што го имавме минатото лето, кога имаше запалива атмосфера, истакна Маричиќ.