Силна бура го погоди западниот дел на Грција, при што локалните власти на островот Закинтос денеска ги затворија сите основни и средни училишта, како и градинките.
Лошото време започна уште синоќа, кога островите беа зафатени од силни грмотевици и пороен дожд. Грчките власти испратија предупредување до населението во регионите Ахаја, Илија и Месинија да бидат особено внимателни.
На север од Крф, автомобил со британско семејство се заглави во калта на угорница. Противпожарната служба интервенираше и го извлече возилото, а семејството е пренесено на безбедно. Двојката и нивното дете се во добра состојба, објави весникот Катимерини.
Метеоролозите предупредуваат дека нестабилните временски услови ќе продолжат и во наредните денови, со обилни врнежи од дожд, локален град, силен ветер и пад на температурите ширум Грција.
По итниот состанок на Комитетот за процена на ризици, општините и надлежните институции се ставени во состојба на зголемена готовност. Грчкиот Генерален секретаријат за цивилна заштита апелира граѓаните да бидат внимателни и да преземат мерки за самозаштита од опасностите што ги носи лошото време.