Кенеди вселенскиот центар во Флорида вчера изгледаше како враќање во најголемите денови на американската вселенска програма, додека Артемис II, првата мисија со екипаж кон Месечината по повеќе од 50 години, влегуваше во последните чекори пред полетување. Лансирањето на Артемис II беше таргетирано за 18:24 по локално време во САД, односно 00:24 часот по полноќ меѓу 1 и 2 април по средноевропско летно време, со резервни термини до 6 април.
Во моментот кога светот гледаше кон Флорида, на рампата 39B стоеше 98-метарската ракета SLS со капсулата „Орион“, а NASA ја опишуваше мисијата како прв лет со луѓе на новиот систем што треба да ја отвори вратата за идни повратнички мисии кон Месечината.
Сликата од Флорида беше внимателно режирана, но и историски тешка. Астронаутите Рид Вајзман, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Хансен поминаа низ традиционалниот „walkout“ од зградата на астронаутските квартови, стигнаа до рампата, влегоа во таканаречената „White Room“, се потпишаа внатре и потоа еден по еден се качија во „Орион“, каде следуваа комуникациски проверки, тестови на скафандрите и затворање на капсулата. Токму таа секвенца му даде и најсилен човечки ритам на настанот: не беше тоа само уште едно технолошко одбројување, туку прв човечки чекор кон длабока вселена по ерата на „Аполо“.
Историската тежина на Артемис II е и во тоа кој е на бродот. Кох треба да стане првата жена што ќе патува толку далеку кон Месечината, Гловер првиот астронаут со афроамериканско потекло на ваква мисија, а Хансен првиот Канаѓанец и првиот неамериканец што ќе оди кон лунарната околина. Мисијата трае околу 10 дена и нема да слета на Месечината, но ќе мине по free-return траекторија околу неа и ќе го тестира животниот систем, комуникацијата, маневрирањето и способноста „Орион“ безбедно да ги врати астронаутите на Земјата. Европската вселенска агенција потврди и дека европскиот сервисен модул е клучен дел од патувањето, со свои соларни панели, гориво, вода и кислород за екипажот.
Затоа вечерта на Артемис II не личеше само на лансирање, туку на политички, научен и симболичен спектакл. Ова е прва мисија со екипаж надвор од ниската орбита на Земјата по 1972 година, а NASA веќе ја поставува како клучен тест пред идните мисии што треба да вратат луѓе на лунарната површина. На брегот на Флорида се собраа огромни маси луѓе за да ја гледаат ракетата, а чувството беше дека човештвото, по децении кружeње блиску до Земјата, повторно се обидува да го оттурне хоризонтот. Дури и ако оваа мисија е само обиколка, а не слетување, токму во тоа е нејзината тежина: Артемис II е пробата што треба да покаже дали патот назад кон Месечината навистина повторно е отворен.