Филмот „Poor Things“ (Кутри работи), готска драма во режија на Јоргос Лантимос, е добитник на престижната награда „Златен лав“ на годинашното 80. издание на Филмскиот фестивал во Венеција, кој се одржа од 30 август до 9 септември.
Во драмата, Ема Стоун ја игра улогата на младата жена Изабела Бакстер, оживеана од научник откако претходно извршила самоубиство. Таа бега со промискуитетен адвокат за да започне одисеја на самооткривање и сексуално ослободување.
Сребрениот лав“, пак, го освои филмот „Evil Does Not Exist“ (Злото не постои), мистериозна рурална драма во режија на Јапонецот Ријусуке Хамагучи.
Хамагучи претходно со „Вози ја мојата кола“ (Doraibu mai kâ / Drive My Car) ја освои наградата за најдобро сценарио и на наградата ФИПРЕСЦИ на Канскиот филмски фестивал во 2021 г. и на Оскар за најдобар странски филм во 2022 г.
Најдобар режисер годинава е Италијанецот Матео Гароне за филмот „Me Captain“ (Јас капетанот), уште еден трогателен филм за мигрантите, кој ги следи тинејџерите од Сенегал додека минуваат низ африканска почва со надеж дека ќе стигнат до Европа. Младата ѕвезда на филмот, Сејду Сар, ја доби наградата за најдобар млад актер/актерка.
Најдобра актерка е Кајли Спени за улогата на Присила Присли во филмот на Софија Копола, а најдобар актер е Питер Скарсгард со улогата во филмот „Сеќавање“.
Наградата за најдобро сценарио им е доделена на Гиљермо Калдерон и на Пабло Лараин за филмот „El Conde“ (Грофот), сатиричен филм за чилеанскиот диктатор Аугусто Пиноче. Остварувањето „Green Border“ (Зелена граница), кој зборува за мигрантите блокирани на полско-белоруската граница, во режија на Полјачката Агњешка Холанд, ја доби специјалната фестивалска награда.