Членството во ЕУ ќе донесе практични и опипливи придобивки во сите области – енергетската отпорност, заштитата на животната средина, подобрувањето на квалитетот на воздухот, економската благосостојба и подобрувањето на животниот стандард, потенцира вечерва евроамбасадорот Дејвид Гир преку видео обраќање на осмиот завршен настан од кампањата „Ние сме Европа“ во Куманово.
Според Гир, енергијата е исто така клучна во борбата против климатските промени, а обновливите извори се централен елемент во Европскиот зелен договор. Како што рече, отпорноста на енергетскиот сектор станува се поважна со енергетската криза предизвикана од руската агресивна војна против Украина.
Тој додаде дека диверзификацијата на изворите на снабдување со енергија, преку намалување на зависноста од фосилните горива станува задолжителна ширум ЕУ, но и во Западен Балкан.
-Ние играме централна улога во градењето на побезбедна, посигурна, позелена енергетска иднина за оваа земја. ЕУ веќе помага во изградбата на инфраструктура за транспорт на гас како преодно гориво, како што е интерконекторот со Грција и поврзувањето со Косово и Србија. ЕУ инвестира во електричната мрежа за да обезбеди размена на електрична енергија со Албанија и Бугарија. ЕУ помага за пренамена на енергетските централи во Осломеј и Битола од јаглен во обновливи извори, рече Гир.
Тој посочи дека се надградуваат и постоечките капацитети на Северна Македонија за ветерна и хидроенергија, а ЕУ дава поддршка и на приватните инвеститори како оние кои се вклучени во ветерниците во „Богословец“.
Исто така, помагаат во ревизијата на законодавството што треба да донесе почиста и подостапна енергија за домаќинствата, компаниите, училиштата и болниците.
-Помагаме затоа што сме зависни едни од други и затоа што сакаме оваа земја да стане дел од ЕУ, затоа што сакаме да и помогнеме да се подготви за членството во ЕУ. Патот кон ЕУ е еден од реформите. Спроведувањето на тие реформи бара единство и посветеност. Целта на членството е реална и остварлива, додаде Гир.
Тој информираше дека благодарение на регулативите на ЕУ, во првите 10 до 15 години по пристапувањето Малта, Бугарија, Словенија, Хрватска, Романија забележаа нагло намалување на емисијата на сулфур диоксид во опсег од 85 проценти до 99 проценти
Благодарение на ова, како што посочи, градовите и селата низ ЕУ се побезбедни и поздрави за оние кои живеат таму.
-Благодарение на пристапот до Структурните фондови, Бугарија, во првите години по пристапувањето спроведе еколошки проекти во вредност од речиси 2 милијарди евра. Благодарение на оваа поддршка, земјава успеа да реши дел од своите најсериозни еколошки предизвици. Благодарение на Кохезиониот фонд на ЕУ, Полска, за десет години по пристапувањето го зголеми својот БДП за 49 отсто. Во иднина, сакаме Северна Македонија да биде уште еден позитивен пример за придобивките од проширувањето, додаде Гир.
Германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер во своето обраќање вечерва на трибината посочи дека во овој момент, очите на светот се вперени во Дубаи, бидејќи таму шефовите на држави и влади, министерките и министри на светската климатска конференција се борат за иднината на нашата планета, поточно за постепено откажување од фосилните горива.
Таа е децидна дека борбата против климатските промени е приоритет на германската надворешна политика.
За таа цел, како што рече, Сојузната влада пред неколку дена донесе сопствена стратегија за климатска надворешна политика, за првпат во историјата на Сојузната Република.
-Потребна ни е јасна корекција на курсот за да го запреме глобалното затоплување на 1,5 степени, а за да го направиме тоа мора да ја одвоиме енергетската ефикасност од 2030 година и тројно да го зголемиме проиизводството на енергија од обновливи извори, додаде Дрекслер.
Кампањата „Ние сме Европа“ чиј предводник е вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, се реализираше во осум градови низ државата, а темата вечерва во Куманово беше членството во ЕУ од аспект на енергетиката.