Наследувањето на власта во Иран влезе во нова и опасна фаза на 3 март, откако израелските напади погодија објекти во Техеран и Ком, а израелски и ирански извори дадоа спротивставени верзии дали меѓу нив бил и објект поврзан со Собранието на експертите, телото што по уставна постапка треба да избере наследник на убиениот врховен лидер Али Хамнеи. Додека израелската страна тврди дека целта била да се наруши процесот на избор на нов лидер, иранските државни медиуми велат дека погодениот објект во Ком бил стар и спореден, дека не се користел за такви состаноци и дека нема жртви.
Според израелски официјален претставник, нападот бил изведен токму за да се спречи изборот на нов врховен лидер, а мета бил објектот во кој е сместено телото што има овластување да го избере. Но од иранска страна следуваше обид за релативизирање на ударот, со тврдење дека зградата во Ком веќе не се користела за состаноци на Собранието на експертите и дека објектите биле евакуирани однапред. Така, уште во првите часови по нападот, самата вест стана дел од пошироката војна на наративи: дали станува збор за удар врз срцето на иранската транзиција или за симболична порака без директен институционален ефект.
Она што засега е појасно е поширокиот контекст. По убиството на Хамнеи, Иран влезе во најтешка криза на наследување во последните децении, со нерешена сукцесија, војна на своја територија и зголемен притисок врз безбедносниот апарат. Според Ројтерс, системот привремено ги префрлил должностите на лидерот на совет составен од претседателот, шефот на судството и член на Советот на чуварите, додека аналитичари предупредуваат дека не треба автоматски да се очекува распад, бидејќи иранскиот поредок е изграден така што моќта не зависи само од едно лице.
Токму затоа, оваа епизода има тежина поголема од една нова експлозија во низата. Ако навистина се таргетираат институции поврзани со изборот на наследник, тогаш војната повеќе не се води само за воена надмоќ, туку и за прекин на политичкиот и уставниот континуитет на иранската држава. А ако, пак, погодениот објект бил спореден и празен, тогаш и без жртви пораката останува иста: наследувањето во Иран веќе не е затворен внатрешен процес, туку фронт под отворен надворешен притисок.
حملات هوایی به ساختمان خبرگان در میدان رسالت #قم pic.twitter.com/bkK5bTV1Y5
— ائتلاف ۱۰ ꪜ 👀 (@etelaf10) March 3, 2026