Надлежните во Израел се согласија да ги преразгледаат зборовите на потенцијалната песна-претставник на „Евровизија“, откако организаторите приговорија на стиховите што се чини дека се однесуваат на нападот на Хамас на 7 октомври.
„Кан“ соопшти дека е побарано од текстописците на двата најдобропласирани финалисти (втора е песната „Dance Forever“), да ги преразгледаат зборовите, а истовремено да си ја зачуваат уметничката слобода.
Израелскиот национален радиодифузер „Кан“ го избра претставникот на земјата, пејачката Еден Голан, а песната-фаворит во потесниот круг е баладата „October Rain“. Европскиот натпревар којшто ќе се одржи од 7 до 11 мај во шведскиот град Малме, може да ги дисквалификува натпреварувачите за кои се смета дека ги прекршиле правилата за политичка неутралност.
„Претседателот нагласи дека, особено во овој миг, кога оние кои не мразат се обидуваат да ја тргнат настрана и бојкотираат државата Израел од секоја сцена, Израел мора да го искаже својот глас со гордост и со крената глава да го подигне своето знаме на секој светски собир. Особено оваа година“, се истакнува во соопштението.
Според стиховите кои протекоа во медиумите, па беа потврдени од „Кан“, тие вклучуваат зборови како „Нема воздух за дишење“ и „Сите тие беа добри деца, секое од нив“ – можни алузии на луѓето кои се криеле во засолништа кога Хамас убивале и киднапирале луѓе на музички фестивал на отворено и други места, што ја предизвикало новата војна во Газа. (МИА)