Утре се одржуваат изборите во САД, вторник, 5 ноември, традиционално почнуваат на тој ден. За тоа како изгледа Америка на еден ден пред изборите и што се очекува да донесат тие, Рацин.мк разговараше со Борис Камчев, наш колега, новинар, кој живее и работи во Вашингтон. Со него воспоставивме соработка во изминатиот период и тој ни испраќа редвоно, секој ден, извештаи и стории за тоа како течат изборите во САД.
Со Борис Камчев разговараше Зоран Бојаровски
Рацин.мк: Борис, еве на еден ден пред изборите. Да почнеме со тоа што велат последните мерења? Како изгледа трката меѓу Доналд Трамп, републиканецот и поранешен претседател и Камала Харис, актеуелната потпретседателка и кандидатка на демократите?
Камчев: Благодарам на поканата Зоран. Сите претходни мерења и анкети укажуваа на тоа дека трката е многу тесна меѓу двајцата кандидати и е неодредено кој ќе победи. Можеби во 2016 година се знаеше, или аналитичарите веруваа дека победа ќе освои Хилари Клинтон, бидејќи такви беа анкетите, но се покажа сосема обратно и тогаш победи Доналд Трамп на тие избори во 2016.
Во 2020 година трката меѓу Трамп и Бајден беше предодредена, може така да се каже, бидејќи Трамп за време на својот мандат, во 2020 година, за време на пандемијата со ковид, не се спарви добро со тоа и заради тоа ги изгуби изборите. Тоа беше предодредено, се знаеше. Бајден победи тогаш.
Сега, во 2024 година, 4 години подоцна е целосно неодредено, многу е тесна разликата, сите тие мерења што ги имаше во последниот период укажуваат на тоа дека овој пат ќе ги одлучат неопределните гласачи. Има голема група неодредени гласачи во седумте држави, како што американците ги нарекуваат „држави на бојното поле“, односно државите каде што се одлучува победникот. Тоа се Аризона и Невада на западот, потоа Џорџија и Северна Каролина на југот, и уште трите држави на сверот Мичиген, Висконсин и Пенсилванија.
Во тие 7 држави двајцата кандидати интензивно ја водат кампањата последните две-три недели. Бидејќи таму има најголем број на неодредени гласачи и тие ќе одлучуваат кој ќе биде победник.
Во петокот Камала Харис и Доналд Трамп имаа „бек ту бек“ митинзи во Лас Вегас, Невада. Тоа е држава која што има голем број јужноамерикански гласачи и тие одредуваат на државно ниво, и во Аризона и во Невада, но и национално ниво. Латино Американците, или јужноамериканските гласачи се огромно национално малцинство и на некој начин тие ги определуваат изборите доколку сите тиа гласаат за едниот или за другиот кандидат. Во овој случај се очекува дека тие ќе гласаат најмногу за Харис и се знае дека тоа ќе влијае на резултатот.
Кои се темите на кои ќе се обидат да ги придобијат? Што е она што е очекувано, што е тоа што најмногу очекуваат Американците од едниот или од другиот кандидат за претседател?
Американците, посебно оние кои се неодредени и оние кои историски гласаат или за демократ или за републиканец, најмногу ги интересира, пред сѐ економијата. Американското општество е конзуматорско општество, потрошувачко, сакаат да имаат своја куќа, свој автомобил, да имаат стандард за да купуваат разни производи, стоки, храна, во големи количини. Американците сакаат да купуваат во огромни количини, ги имаат тие огромни „веар хаусес“ како Кост-Ко, каде што за време на викендот се купува многу. Нив ги засега инфлацијата. Таа тема е главна, економијата и инфлацијата, намалувањето на цените.
Трамп игра на таа тема. Дека ќе ја намали инфлацијата, дека ќе ги скроти цените, дека ќе ги намали цените на бензинот, бидејќи и тоа е многу важен елемент од таа економска агенда. Бензинот да биде во прифатливи рамки, околу два до три долари за галон.
Втор момент е миграцијата. Трамп игра на таа тема многу, на миграцијата бидејќи во текот на овие 4, 5 години на Бајден и Харис имаше голем прилив на мигранти од Јужна Америка и не само од Јужна Америка, туку и од Кина и од Азија кои ја користеа таа јужноамериканска рута. Бајден им даде олеснувања за стекнување азил и така се охрабри таа миграција. Милиони луѓе или чекаа на границата или веќе влегоа во САД и многу од Американците се незадоволни од тоа.
Иако прашањето е етичко и тие мигранти сепак ја подигаат американската економија на некој начин.
Кој е одговорот на Харис на овие прашања?
Харис се обидува да се дистанцира со дебаклот од имиграцијата бидејќи тоа беше нивни проблем и на некој начин се одделува со тоа што ја префрла топката кај републиканците кои не сакаат да изгласаат нов закон за реформи во таа насока. Едноставно играа на таа карта и велеа додека вие сте на власт ние нема да гласаме за подобрување на имиграцијата, односно подобрување на законите кои ќе ја спречат или ќе го рефромираат имиграцискиот систем на САД.
Втора тема на која Харис многу работи е здравственото осигурување и пред сѐ женското право на абортус. Таа апелира повеќе на жените и на нивните сопрузи кои би ребало да играат улога на заштитници на жените и на нивните права. Значи, таа се фокусира повеќе на тие социјални теми, може да се каже.
Овдека во Европа, и кај нас. Американските избори личат на едно големо шоу, а и тие многу приоднесуваат за тоа со вклучување на многу селебритис, познати личности кои сакаат да им ја поддржат кампањата. Дали е тоа добар аргумент за придобивање на гласачите во Америка?
Селебритис учествуваат во сите избори, не само во Америка. И во Македонија исто има музичари и шоумени кои ја поддржуваат таа или оваа партија. Тоа не е нешто ново. Но, во овој случај, намногу заради можното враќање на Трамп и заради тоа што Холивуд и музичката естрада се дистанцираа од Трамп и го критикуваа неговото владеење, го критикуваа неговиот авторитарен начин на владеење со многу десничарски изрази и со многу навреди, многу ѕвезди сега ја поддржуваат Камала Харис.
На страната на Трамп не видов некои особено познати ѕвезди. Тој повеќе настапува на неговите митинзи како диџеј на кој пушта нумери како што се I’m Your Men (Јас сум мажот за тебе) за да им ја подига машкоста и да се покаже конзервативен затоа што сите поголеми ѕвезди многу повеќе ја поддржуваат Камала Харис и демократите.
Во петокот во Невада настапи Џенифер Лопез. Таа кажа дека тоа е била нејзината најважна сцена во нејзиниот живот со спротивставувања и критики кон Трамп бидејќи латиноамериканците се најчесто на мета на десничарски навредливи изрази на Трамп.
Долго трае кампањата во Америка. Се интензивираше во последните месец дена, но започна уште на почетокот на оваа година и кога стана јасно дека Бајден ќе се повлекува од кандидатурата се проширија гласини дека можеби Мишел Обама ќе ја преземе кандидатурата за претседателка на САД. Што се случи? Колку беа тоа навистина реални опции таа да ја преземе таа улога и зошто се откажа?
Тоа е интересен момент и интересно прашање. Тоа беше на крајот на јуни, кога завршуваше дебатата меѓу демократите, нив ги зафати паника. Увидоа дека ништо не бидува од Бајден за претседателски кандидат и влегоа во паника, бараа решение, да најдат кандидат, да се запази процедурата и меѓу сите тие имиња кои се вртеа тогаш дојде и името на Мишел Обама, поранешната прва дама, сопругата на Барак Обама.
Прашање е дали таа би била добар, идеален кандидат или не. Таа е добар оратор и сопруга на поранешниот претседател Обама, но сепак, таа го нема политичкото искуство што го има Камала Харис. Таа (Мишел) никогаш не била избрана за јавна функција и затоа беше отфрлена како кандидат.
Наспроти на неа, Камала Харис не само што беше 4 години сенатор, пред да стане потпретседателка на САД, беше и главен обвинител на Калифорнија. Таа од таму го црпи своето искуство за теми како миграцијата, постојано се фали дека секогаш била на границата каде што ги гонела сите криминалци и постојано укаажуваше дека се справувала со такви типови како Доналд Трамп. Луѓе што правеле нелегални бизниси и измами. Имале кредити па не ги враќале, сега се обвинети за тоа и слично.
Искуството на Камала Харис е многу поголемо отколку тоа на Мишел Обама.
Тоа значи дека сепак добро е што така испадна и дека е рационална одлуката на демократите да одат со Камала Харис како кандидатка?
Да, да, тоа беше сигурно решение кое ќе им го спаси образот. Потоа следуваше убдувањето на Бајден тој да се повлече од кандидатурата. Тоа беше тешко за него и мора да му се оддаде почит бидејќи такво нешто ретко се случува кога веќе некој што е избран за претседателски кандидат и кој е веќе во Белата куќа, да се откаже од таа моќ што ја има човекот што седи во овалната соба. Тој се откажа, треба да му се оддаде почит и тоа ќе остане во историјата на САД.
Да влеземе сега во прашањата кои се однесуваат на надворешната политика на САД после изборот на новиот претседател. Што значи тоа визави Европа?
Европа е сега во неизвесност од изборите утре. Очекува кој ќе биде новиот претседател. Ако мене ме прашате на ЕУ и на лидерите во Европа подобро ќе им биде со Камала Харис. Таа, иако кажа дека ќе владее како нов претседател, а не по стапките на Бајден, сепак, но даворешно-политички контекст ќе продолжи со истиот курс и темпо. Да се помага Украина во војната против Русија, да се зацврсти сојузништвото во НАТО меѓу партнерите во алијансата. Кина како главен соперник на САД, тука прашањето на Иран на Блискиот исток, како и Израел и да се постигне некакво примирје со Хамас. Таа војна некако да се оконча и да се вратат тие што беа киднапирани после терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври лани.
Тоа се тие главни насоки кон кои би одела американската дипломатија доколку победи Камала Харис.
Доколку дојде Трамп на власт тоа е веќе друго прашање. Не би прејудицирал, но не се знае како ќе се однесува Трамп кон Украина. Тој води една импулсивна надворешна политика. Но да видиме што ќе покаже утре гласањето.
Ти имаш едно сериозно искуство и во однос на Русија. Долго живееше таму за да имаш оценка за двата модела на избори, таму во Русија и во САД, и секако можеш да ги процениш и односите со Русија од перспектива на новоизбраниот претседател, едниот или другиот?
Да одговорам прво на вториот дел од прашањето, односите меѓу САД и Русија. Тие се на едно многу ниско ниво, може да се каже дури и на непријателско ниво. Со руската инвазија на Украина САД се поставија како заштитник на демократијата и со тоа ја заштитуваат и Украина со милионите долари помош што ги даваат во оружје. Од друга страна Русија сака да создаде мултиполарен свет. Се обидува на некој начин да ги стави во еден кош сите тие земји од глобалниот југ, заедно со Кина којашто има голема економска моќ и влијае и во Европа и во САД на економски план. Но, Кина е на страната на Русија, а Путин се обидува на некој начин да го смени глобалниот поредот поставен после Втората светска војна. Тоа не му успева, најверојатно и пред сѐ се виде на самитот на БРИКС, којшто се одржа во Казахстан пред две недели, кога никој не се откажа од употребата на доларот како главна валута за резерви. Идејата на Путин никој не ја прими сериозно затоа што дури и нивната централна банка, банката на БРИКС, којашто е во Сингапур, ги почитува санкциите и не дозволува банкарски операции со руски банки. Така што идејата дека ќе се создаде некаков мултиполарен свет којшто ќе се спротивстави на западот е сѐ уште рудиментарна и Русија не се поставува како фактор, како земја којшто може да се спротивстави на САД на економски план. Руската економија е многу слаба.
Во врска со прашањето на изборите во Русија и САД би кажал дека тука нема што да се споредува. Тоа е како да споредуваш цено со бело. Во Русија изборите се наместени. Таму претходно се знае кој ќе победи. Нема никаков демократски и транспарентен начин на водење на кампања и не им се даваат шанси на разни политички играчи. Сите тие што имаат некаква популарност претходно се или апсени или со судски или со разни други административни средства и не им се дава никакви шанси да излезат на избори и да се претстават како некока алтернатива на режимот кој владее со Русија повеќе од дваесет години. Тоа се две непсоредливи работи.
Кога зборуваме за изборни тензии и ситуации, сеуште се свежи сеќавањата на 2021 година и 6 јануари на Капитол Хил. Една твоја оценка на крајот, како ќе изгледа трансферот на власта? Има многу шпекулации, дека ќе има дури и немири и дека Трамп, ако се случи да ги изгуби изборите, нема така лесно да се откаже од ескалација на тензии?
Интересно е тоа што го поставуваш како прашање со ставот на конгресменот од Мериленд Џефри Раскин кој упати писмо до Трамп и кандидатот за потпретседател Венс во кое бара тие да потврдат дека ќе ги признаат резултатите од изборите без разлика дали ќе бидат тие победници или не. Тие не одговорија конкретно на тоа писмо, не ставија потписи дека се согласуваат.
Се сејат некакви семки на раздор и уште од сега појавија гласини дека има некакви недоследности, некакви изборни пропусти во предвременото гласање во Пенсилванија, но за тоа немаше потвтрда од изборните органи дека имало пропусти и остана на тоа дека се само гласини. Трамп ги повторуваше, но не наведе никакви факти за тоа.
Според мое мислење американскиот политички систем е доволно робустен за да се справи со недоследности и има доволно контролни механизми со кои, доколку има некои недоследности, се рашаваат брзо. Така што не очекувам дека ќе има немири како што се случија на 6 јануари. Тие тогаш се случија бидејќи Трамп беше на власт и успеа да анимира популација од провинцијата поттикнати од неговиот говор на омраза. Сега не очекувам да има такви недоразбирања.