Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

[Видео] Кој го игнорира аерозагадувањето во Битола?

На битолчани им е јасно дека ноемвриските сончеви денови се, како што велат тие – бројани. Грејната сезона ќе започне со полн интензитет. РЕК Битола, која е во близина, ќе ја засили својата работа и ќе ги активира сите блокови за да ги задоволи потребите за струја во државата, затоа што овој енергетски капацитет во државата произведува во просек од 45 до 50 проценти од струјата во земјата. Во Битола има и луѓе кои се свесни дека доаѓа сезоната на денови со загаден воздух во градот и околината.

Зоран БОЈАРОВСКИ, снимател Димитар РИСТЕСКИ

Првите ноемвриски денови во Битола се со идеално време и сончеви денови. Тоа е доволно Широк сокак во Битола да биде исполнет, дел од дневните активности на битолчани да се исполнуваат на отворено.

Но, на дел од биолчани им е јасно дека овие денови се, како што велат тие – бројани. Грејната сезона ќе започне со полн интензитет. РЕК Битола, која е во близина, ќе ја засили својата работа и ќе ги активира сите блокови за да ги задоволи потребите за струја во државата, затоа што овој енергетски капацитет во државата произведува во просек од 45 до 50 проценти од струјата во земјата.

Во Битола има и луѓе кои се свесни дека доаѓа сезоната на денови со загаден воздух во Битола и околината. Еден од нив е Драган Вељанов, претседател на УО на платформата „Земи здив“, платформа која во последниве години се препознаваше по тоа што го креваше својот глас за да се направи нешто, да се намали или да се спречи загадувањето на воздухот во Битола.

Прво што го прашавме е дали „Земи здив“ издиша и што успеа, а што не успеа да направи платформата која оваа година прослави 5 години од основањето кога ги собра најактивните еколошки друштва во градот.

„Можам слободно да кажам дека платформата „Земи здив“ не издиша, ама морам да признаам дека и тешко зема здив. Да, точно е се формиравме пред 5 години еве веќе наближува и шестата година од нашето формирање и можам да кажам дека во целиот овој период од нашето формирање до денес ако можам да го издвојам она во што успеавме е тоа што успеавме да го обединиме прво, граѓанскиот сектор во Битола, во една заедничка борба против еден таков проблем како аерозагадувањето. Платформата е основана од пет активни граѓански здруженија кои работат во областа на заштитата на животната средина и екологија. Сите ние заедно ја инсталиравме првата хиперлокална мрежа од мерни станици, од глобалната мрежа „Early“ која е со седиште во Краков, Полска. Станува збор за високо софистицирана мерна станица, сензор кој е добитник на бројни светски признанија како институтот oд Франција и да не ги набројувам сега сите. Значи ние успеавме да инсталираме 10 мерни станици од кои 9 се во градот Битола, на различни локации низ градот и една мерна станица е во Новаци, во општината каде се наоаѓа РЕК Битола. Покасно, по формирањето се приклучија уште 3 мерни станици од Ц-Бенк воч нетворк, кои што направија така да речам еден прстен околу комбинатот, од Дедебалци, Рибарци и Гнеотино, во тие три села и глобална мрежа „Early“ во соработка со European Environment Agency ги приклучија и државните мерни станици во самата мапа, што значи дека битолчани имаа можност да следат 15 мерни станици со кои што за разлика од претходниот период пред да се формираме немаше таква можност“, вели Вељанов.

Една од причините заради што беше формирана „Земи здив“ беше недостигот од информации на граѓаните за тоа каков воздух дишат во Битола и во регионот. Мониторинг системот што го постави „Земи здив“ беше предуслов за борба против аерозагадувањето бидејќи континуираното мерење со сите влезни влезите инпути, беа индикатори кои укажуваа на тоа како да се организираат и спроведат ефективни мерки за спречување на загадувањето на воздухот.

„Она што не успеавме овој изминат период од кога се формиравме е тоа што не успеавме да се наметнеме како партнери, пред сѐ на институциите, на локалната, на државната власт и па можам да кажам и меѓу граѓаните. Темата ако тема аерозагадување во одреден временски период беше буквално искористена онака и фрлена во канта за ѓубре. Моментално се помалку луѓето разговараат за проблемот, не дека имаме помало загадување, туку помалку се третира во медиуми, социјални мрежи и се наметнува на јавноста“, истакнува Вељанов.

„Земи здив“ своите активности ги пресликуваше од успешните проекти во другите европски градови. Но, за жал, како што вели Вељанов, надлежните и во локалната самоуправа и на државно ниво, не ги препознаа придобвиките што можат да се добијат со шестгодишна историја на податоци во реално време на сите параметри на квалитетот на воздухот во Битола и со препораките што произлегуваат од тие сознанија.

„Ние уште кога се формиравме на промоцијата на самата платформа јас кажав дека ние не сме конкуренција на државниот мониторинг систем туку сме надополнување на она што тие не можат да го обезбедат. Една мерна станица како на министерство е скапа играчка, значи да, никој не ги оспорува податоците од таквите мерни станици но ние како држава не можеме да си дозволиме толку скап систем поготово за подрачјето за Битола за кое и тие 2 мерни станици се малку да се добие една реална слика за тоа што каде кога се случува. И ваквата политика на нискобуџетни сензори е практика на сите поголеми градови, смарт градови, којшто ние сакавме да го воведиме. Многу градови после нас се обидоа, Скопје преку Зелен Хуман Град и Велес знам дека имаше некоја иницијатива за инсталирање. Ние веќе 6 години ја имаме таа хиперлокална мрежа  и напорите кои што ги правиме во последно време се во насока да ја зачуваме, бидејќи нема град во државата кој може да се пофали со шестгодишна историја на податоци во реално време на сите параметри на квалитетот на воздухот“, посочува Вељанов.

Сега, кога локалната самоуправа не го прифатин мониторинг системот на „Земи здив“ и кога работи само една државна мерна станица во Битлола, никој нема информација за реалниот степен на аерозагадувањето. Ниту пак има поставен систем кој ќе го мери загадувањето на воздухот кога сезоната на греење и на работа на РЕК Битола ќе започнат со полн капацитет.

„Моментално состојбата за оваа година како што кажав и претходно Битола 1 мерната станица не функционира од 8 април, што значи дека во периодот од 1.1.2024 до 8.4.2024 имало 10 пречекорување на среднодневната гранична вредност на ПМ10. Максимална дозволениот е 35 меѓутоа 7 месеци не работи мерната станица. Ние немаме увид во податоците. А другата мерна станица која има увид, која работи цела година од максимално дозволените 35 надминувања, досега имаме моментално 57. Се уште ни грејната сезона не е започната што значи веќе ние го дуплиравме максимално дозволениот број на надминувања на среднодневната гранична вредност на ПМ10 која е утврдена на 50 микрограми на метар кубен“, информира претседателот на УО на „Земи здив“ од Битола Драга Вељанов.

Од она што го кажува Вељанов, може да се заклучи дека во Битола и сега имаме зголемено ниво на аерозагадување. Тој укажува и на тоа дека во Битола не е само РЕК единствениот загадувач.

„Тука најголем проблем е затоплувањето пред се, по мое институциите, а потоа и домовите. Секогаш прв акцент се става на домовите, да, домовите загадуваат со огревното дрво, меѓутоа сите оние системи кои се поставени во институциите се далеку многу поголем проблем од огревното дрво. Еве, болницата во Битола има котел на мазут кој троши енормно количество на мазут во текот на денот. Колку се тоа домаќинства којшто ќе го направат тоа исто загадување? Во тој поглед кај огревното дрво сепак треба државата тука да преземе мерки во насока да продава сертифицирано дрво, дрво со минимална вредност на влага во него и домаќинството ќе има ефект од тоа дрво и ќе затопли дома и помалку ќе загадува“, укажува Вељанов.

Вељанов ја оценува и иницијативата за замена на печките на дрва со инвертер клими, а во Битола започна и големиот инфраструктурен проект за топловод, односно за донесување на пареата од РЕК Битола до градот.

„Ефектот не е постигнат, парите се потрошени, ефектот го нема. Сега моментално ако прошетате во Битола, ќе видите дека улиците се раскопани. Започнат е проектот на топлификација кој јас искрено можам слободно да тврдам дека во мојот живот јас нема да доживеам дека институциите во Битола да се греат на пареата од РЕК Битола, зошто? Заради тоа што тој проект е во неколку фази, според мене е неекономичен, но некој увидел дека треба да се спроведе. Тој е  во неколку фази, ова е прва фаза за која беа одобрени и мораше да се искористат заради запазување на рокот, се ископаа сите улици се наместија цевките. Меѓутоа се плашам дека тие цевки ќе останат празни. Многу, многу сложен процес е да сето тоа профункционира, во таа втора, трета фаза во набавка на нови котли на институциите за приклучување итн. Ние сме сведоци дека еден обичен ремонт не се прави на постоечките, а камо ли набавка на нова опрема, па одржување и слично. Тоа се темели на нешто што има интенција и ЕУ и сите да се намали, редуцира или на крај затвори“, оценува Вељанов.

Од разговорот со Вељанов од платформата „Земи здив“, јасно произлегува дека во борбата против аерозагадувањето во Битола, Рударско енергетскиот комбинат мора да биде одговорен партнер во борбата. Прво што РЕК треба да го направи е конечно да ги инсталира систе неопходни системи за спречување на емисиите на штетни гасови и честички што го загадуваат воздухот.

„Секогаш е тоа дилемата, сите кога ќе прашаат дали РЕК е голем загадувач. Несомнено е дека е голем загадувач не само во регионот туку и пошироко. Тие се неколку црни точки на Балканот кои се стално споменувани. Основни предуслови поради кои можеме слободно да кажеме дека е загадувач се отсуството на А-интегрирана дозвола, која што комбинатот не ја поседува. Понатаму, процес на десулфуризација, тоа е отсустно моментално. Понатаму, неправилниот начин на депонирање на пепелта, обично одлагање на депонија коешто со првиот ветер ќе се разнесе насекаде. Тој зелен појас околу местото каде се одлага пепелта. Многу е сензитивна темата бидејќи станува збор за нешто од кое што ние сите како луѓе зависиме и толку негрижа во тој дел, не ги споменав електротатските филтри на оџакот кој се едни од побитните проекти којшто треба тој оџак да ги има бидејќи сите тие штетни супстанци слободно се расфрлаат во средината и особено на тој дел ветрови ако фатат накај Пелагонија, ние како луѓе мораме да имаме, мора да јадиме храна за да бидеме живи, а таа храна ако е контаминирана, тоа што го внесуваме сите ние и сите знаеме Пелагонија што значи за сите нас. Кога имаме контаминирана почва без разлика дали има лепенка органско или неорганско во таа почва е произведено. Тоа е застрашувачки што сите ние активно треба да се вклучиме“, нагласи во разговорот за Рацин.мк претседателот на УО на „Земи здив“ од Битола Драга Вељанов.

Ние заминавме од Битола, но битолчани остануваат да се соочуваат со овој, веќе децениски проблем. Од сето она што го добивме како информација од нашата посета на Битола и од она што го најави актуелната власт, особено со најавата дека користењето на јагленот ќе се користи до 2050 година, останува сознанието дека оваа состојба уште долго нема да се промени.

Како на ова ќе реагираат граѓаните на Битола и локалната самоуправа, останува да се види.

Зачлени се на нашиот е-билтен