Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ демонстративно ја напушти официјалната државна церемонија по повод 30-годишнината од операцијата „Олуја“, откако на трибините забележа неколку лица облечени во маици со ознаките на воената единица ХОС и усташкиот поздрав „За дом спремни“.
„Во тоа нема да учествувам. На државна манифестација нема место за симболи што асоцираат на идеологија на поразен режим“, изјави Милановиќ, алудирајќи на усташкото наследство од Втората светска војна.
Организаторите не реагираа навреме, а претседателот го напушти настанот откако, според неговите зборови, присуството на овие симболи претставувало „намерна провокација“.
Поделено јавно мислење
Инцидентот повторно ја отвори дебатата дали спорните знаци имаат место на официјални државни церемонии. Правните експерти потсетуваат дека Високиот прекршочен суд веќе пресуди дека поздравот „За дом спремни“ е несоодветен за јавна употреба и претставува вознемирување на јавноста и жртвите.
Про-ветеранските здруженија, пак, тврдат дека симболите на ХОС се дел од воената историја од 1990-тите и не треба да бидат забранети.