(ВИДЕО) Неверојатно бегство на крадците од Лувр – се појави нова снимка

Се појави неверојатна снимка што го прикажува лежерното бегство на двајца крадци од Лувр, по кражбата на француските кралски скапоцености вредни 88 милиони евра.
Видеото, кое брзо стана вирално, ги прикажува крадците како со товарен лифт полека се спуштаат од местото на злосторството – што претставува најнов пресврт во една од најспектакуларните кражби во Франција во последните децении, пишува The Guardian.

Што открива видеото?

На снимката, долга 36 секунди, чија автентичност ја потврдил Le Parisien, се гледаат двајца мажи облечени во црно како со надворешен товарен лифт се спуштаат од Галеријата Аполон.
Едниот носи жолт рефлектирачки елек, а другиот мотоциклистичка кацига.
Се верува дека видеото е снимено од прозорец на соседната зграда, со поглед кон Quai François Mitterrand, каде што крадците претходно го паркирале украдениот камион со 30-метарски скали, кои ги искористиле за да се искачат до галеријата на првиот кат.

За време на снимката се слуша глас – веројатно на обезбедувач – кој преку радио врска вели:
„Индивидуа на скутери. Заминуваат, заминуваат.“
Неколку секунди подоцна, двојцата мажи се гледаат како се оддалечуваат на два скутера, додека друг глас вели: „Проклетство, еве ги – полицијата!“

Кражба за седум минути

Потсетуваме, кражбата се случила во неделата околу 9:30 часот наутро, веднаш по отворањето на музејот.
Двајца од четворицата членови на бандата влегле во галеријата преку прозорец кој не бил осигуран.
Со сечачи за метал отвориле две стаклени витрини и украле осум парчиња накит со непроценлива вредност.

Меѓу украдените предмети се смарагдна и дијамантска огрлица што Наполеон I ѝ ја подарил на својата втора сопруга Марија Луиза, како и тијара што ѝ припаѓала на царицата Евгенија, сопруга на Наполеон III.

Француските медиуми јавуваат дека целата операција траела помалку од седум минути, а крадците во самата галерија биле помалку од четири минути.
Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез потврдил дека на случајот работат повеќе од 100 истражители.

„Страшен пропуст“

Директорката на Лувр, Лоранс де Кар, во средата пред француските сенатори признала голем пропуст.
Таа потврдила дека надворешните ѕидови на огромната зграда имале недоволно покриеност со безбедносни камери, што очигледно им ја олеснило работата на крадците.

Зачлени се на нашиот е-билтен