Њујорк беше погоден од екстремни обилни дождови на 30 октомври, оставајќи зад себе две жртви, поплавени улици и стотици откажани летови. Градоначалникот Ерик Адамс соопшти дека бурата урнала повеќедецениски рекорди и предупреди дека ваквите екстремни временски услови стануваат „нова реалност“ за градот.
Националната метеоролошка служба извести дека во некои делови на градот за само десетина минути паднал дожд колку што вообичаено паѓа за неколку часа. Во Централ Парк беа измерени 4,7 сантиметри врнежи, на аеродромот Ла Гвардија 5,3 сантиметри, а на Њуарк Либерти во Њу Џерси 5 сантиметри – рекордни количини за октомври.
Две лица загинаа во поплавите. Еден маж беше пронајден во подрум во Бруклин додека се обидувал да го спаси своето куче, додека другата жртва е пронајдена во котларница во населбата Вашингтон Хајтс. Властите предупредуваат дека престојот во подземни простории за време на вакви врнежи е сериозен ризик.
Torrential rain brought significant flooding to parts of New York and New Jersey on Thursday.
— ABC News (@ABC) October 31, 2025
According to NYC Emergency Management, the National Weather Service reported that 1.8 inches of rain fell in Central Park on Thursday. pic.twitter.com/1bB8WjsbNk
Поплавите предизвикаа хаос во сообраќајот. Дел од автопатите и градските улици беа непроодни, јавниот превоз доцнеше, а некои метро линии беа прекинати поради навлезена вода. Аеродромите ЏФК, Ла Гвардија и Њуарк воведоа „ground stops“, со стотици откажани и одложени летови низ источниот брег на САД.
– Оваа бура ги урна рекордите за врнежи од дожд за 30 октомври. Поголемиот дел од дождот, што се очекуваше да падне за неколку часа, падна за само десет минути – напиша Адамс на X, повикувајќи ги граѓаните на претпазливост и следење на инструкциите од службите.
Националната метеоролошка служба издаде предупредување за крајбрежни поплави во Бронкс, Бруклин и Квинс, додека ветерот достигнуваше брзини до 50 милји на час. Спасувачките тимови интервенираа на десетици локации каде автомобили и пешаци беа заглавени во надојдената вода.
Иако дождовите престанаа до вечерта, властите предупредуваат дека почвата е заситена и нивото на реките може дополнително да порасне во наредните денови. Експертите оваа бура ја поврзуваат со климатските промени, кои носат сѐ почести и поинтензивни екстремни врнежи во североисточните делови на САД.
 
				 
				 
															