Повеќе од 200 планинари останале заробени на падините на Монт Еверест поради силна снежна бура што го погодила регионот, објави британскиот весник „Сан“. Планинарите се наоѓаат на околу 4.800 метри надморска височина и не можат да се вратат во камповите, кои биле уништени од бурата.
Според локалните извори, невремето сè уште не стивнало, а мештаните се обидуваат да ги расчистат огромните наноси на снег.
Првичните информации наведуваа дека околу 1.000 луѓе биле заробени на планината. Меѓутоа, според најновите податоци од кинеските медиуми, досега се евакуирани околу 350 лица, додека околу 200 сè уште се на безбедна оддалеченост и чекаат помош.
Заробените се наоѓаат во долината Карма, на источните падини на Монт Еверест, во тибетскиот дел на Хималаите.
„Сите сме искусни планинари, но оваа бура беше навистина жестока. Имав голема среќа што успеав да се извлечам“, изјавил еден од преживеаните планинари.