(Видео) СДСМ: Учебници нема – власта излажа

Еден месец по почетокот на учебната година, учениците и натаму учат без комплет учебници, обвини денеска СДСМ на прес-конференција. Портпаролката Богданка Кузеска порача дека „власта ветуваше учебник за секое дете од 1 септември, септември изминува, а учебници нема“, оценувајќи дека станува збор за „голема лага на ВМРО-ДПМНЕ и на министерката Весна Јаневска“.

„Илјадници ученици се приморани да учат без учебници, а тие што ги имаат се парталави, стари, оштетени. Родителите не се должни да печатат учебници дома, ниту наставниците да импровизираат“, изјави Кузеска. Таа ја критикуваше и промената на ставовите во Министерството за образование и наука: „Прво слушнавме дека проблемот ќе се решавал со донации, а вчера ‘смена на лентата’ – на оние што немаат учебници им се кажува дека има PDF на интернет.“

Опозицијата бара МОН „веднаш“ да обезбеди и достави печатени учебници „во најкраток можен рок“, како и политичка одговорност од министерката. „Јаневска мора да понесе одговорност затоа што излажа и затоа што учениците ги остави без учебници и без основното право на квалитетно образование. Ова не е прашање на политика, туку на иднината на нашите деца,“ додаде портпаролката.

СДСМ потсети дека согласно закон и добрата пракса, учебната година треба да започне со комплетна учебна литература и оти МОН има обврска да обезбеди план, логистика и контрола на испораките. Во моментов, дел од училиштата се потпираат на дигитални верзии и фотокопии, што, според опозицијата, не е одржливо решение за сите ученици и семејства.


Зачлени се на нашиот е-билтен