Четворицата астронаути на мисијата „Артемис 2“ влегоа во карантин на 23 јануари во Хјустон, пред да полетаат кон Месечината по речиси 60 години, во рамки на протоколот што НАСА го нарекува „програма за стабилизација на здравјето“ – мерка чија цел е да се избегне најбаналниот, но најскап ризик пред лансирање: настинка, вирус или инфекција што може да ја одложи целата мисија. Карантинот обично започнува околу 14 дена пред лет, но овојпат е активиран порано, за агенцијата да задржи флексибилност додека се бараат можни термини во февруарскиот прозорец за лансирање.
Екипажот го сочинуваат астронаутите на НАСА Рид Вајсман, Виктор Гловер и Кристина Кох, како и астронаутот на Канадската вселенска агенција Џереми Хансен. Мисијата е планирана како приближно 10-дневен лет околу Месечината со капсулата „Орион“, без слетување и без влегување во месечева орбита, но со историска тежина: тоа треба да биде првиот лет на луѓе „до лунарните предели“ по „Аполо 17“ во 1972 година.
Дилемата што ја отвора самата НАСА е дека официјален датум сè уште не е закован. Сè зависи од тековните тестирања на ракетата и леталото, особено од клучниот „wet dress rehearsal“ – полнење и проверка на системите со гориво на лансирната рампа, тест што во минатото умееше да извади на виделина проблеми што потоа бараат недели поправки. Во сценарио на одложување, НАСА отворено признава дека екипажот може привремено да излезе од карантин и повторно да влезе 14 дена пред новиот термин, што е уште еден показател дека здравствената изолација е алатка за управување со распоредот, а не само формалност.
Ако подготовките продолжат без големи застои, астронаутите треба да заминат за Кејп Канаверал околу шест дена пред лансирањето и да се сместат во астронаутскиот комплекс во зградата „Нил Армстронг Operations and Checkout“ во рамки на вселенскиот центар „Кенеди“. Дотогаш, карантинот не значи целосна изолација од светот, туку контролирани контакти, избегнување јавни места, маски и дистанца, додека продолжуваат финалните симулации и медицински проверки.
Во позадина на оваа „тишина“ пред големото лансирање е старата логика на вселенските мисии: најскапите системи во програмата се дизајнирани да издржат екстремни услови, но мисијата најлесно се руши од нешто што личи на обична сезонска инфекција. Затоа карантинот е и порака дека „Артемис 2“ влегува во фазата кога ситните ризици стануваат најопасни, а јавноста во следните денови ќе гледа дали техничките тестови ќе ја потврдат амбицијата НАСА да ја врати човечката мисија во близина на Месечината по повеќе од половина век.