СДСМ во објава на социјалните мрежи тврди дека во јавноста излегле повеќе фотографии на премиерот Христијан Мицкоски со лице со иницијали С.З., кое партијата го идентификува како „Симе“ и за кое наведува дека било уапсено со поголема количина дрога, оружје, муниција и пари.
Според партијата, откако ВМРО-ДПМНЕ во првичните реакции тврдела дека станува збор за „само една фотографија“, подоцна се појавиле дополнителни снимки и фотографии, по што, како што наведуваат од СДСМ, следел молк и од партијата и од институциите.
Во истата објава СДСМ тврди дека „свиркачи“ до нивната антикорупциска линија доставиле видео на кое се гледа како истото лице пука со автоматско оружје – калашников – на собир на кој, според нив, се забележуваат знамиња на ВМРО. СДСМ оценува дека самото поседување автоматско оружје е незаконско, а пукањето во присуство на луѓе претставува сериозен безбедносен ризик и бара итна институционална реакција.
Партијата соопшти дека во јавноста се избегнува одговор на прашањето каква е поврзаноста меѓу Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ и лицето за кое зборуваат во објавата, тврдејќи дека ваквото однесување е можно само ако постои политичка заштита.