(ВИДЕО) Stranger Things го сруши Нетфликс

По години чекање на големото финале, фановите на „Stranger Things“ синоќа наместо да се вратат во Хокинс, добија ладна порака на екран: „Нешто тргна наопаку. Жал ни е, имаме проблеми со вашето барање“. Само неколку минути по објавувањето на првите четири епизоди од петтата, последна сезона, платформата „Нетфликс“ накратко се сруши поради огромниот прилив на гледачи.

Гледачите кои точно во договореното време се обидоа да ги стартуваат новите епизоди добиваа ист идентичен екран со грешка и препорака да се вратат на почетната страница. Според пишувањата на странските медиуми, прекинот траел околу три до пет минути, но во тие неколку минути бројот на пријави за проблеми „експлодирал“ – илјадници корисници во САД и Европа сигнализирале пад на услугата.

Петтата сезона на „Stranger Things“, според најавите, има вкупно осум епизоди поделени во три дела. Првите четири епизоди веќе се достапни, следните три треба да пристигнат околу Божиќ, а големото финале – последната епизода на серијата – ќе биде објавено на 31 декември, делумно и во кино-сали во САД и Канада. Со тоа се заокружува приказната што започна во 2016 година и за помалку од една деценија ја претвори малата група деца од Хокинс во глобална поп-културна референца.

Креаторите Мет и Рос Дафер неодамна признаа дека снимањето на последната сезона било „емоционален маратон“, бидејќи секој ден на сетот чувствувале како да снимаат последна сцена со некој од актерите. Мили Боби Браун, Ноа Шнап и останатата екипа зборуваат за крајот како за крај на едно долго детство – дел од нив буквално пораснаа пред камерите, а публиката го следеше тој раст паралелно со развојот на ликовите.

Зачлени се на нашиот е-билтен