Водостојот на Вардар во Скопје останува висок по обилните врнежи во изминатите денови, а УХМР предупредува на зголемена претпазливост при движење покрај коритото, особено на пониските и неосветлени делови покрај кејот. Според прогнозите, и во наредните часови нивото ќе биде покачено во Скопје и во горните делови на сливовите, иако трендот на постепено опаѓање се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Во моментов низ државата има мешани врнежи, а УХМР најавува дека со продорот на студен воздух од север, попладне и вечерва врнежите ќе преминуваат во снег насекаде. Во западните и југозападните делови ризикот од локални излевања и заезерувања се оценува како најизразен, бидејќи таму врнежите најдолго остануваат како дожд пред целосно да преминат во снег.
Надлежните апелираат граѓаните да не се приближуваат до надојдените реки и суводолици, да избегнуваат возење низ подвозници и улици со вода и, при појава на поплавување во подруми и дворови, веднаш да се пријави на 112.