Додека Русија ги зголемува своите напади на југот и на истокот на Украина, украинските војници кои ја бранат линијата на фронтот велат дека итно им треба повеќе муниција и авиони за да победат во војната.
Иако понекогаш Русија, наводно, истрелувала неверојатни 20.000 артилериски гранати дневно, според некои проценки, Украина истрелува меѓу 6.000 и 7.000.
Украина во вторникот го обнови својот апел до западните земји за борбени авиони, бидејќи министрите за одбрана на НАТО учествуваат на дводневниот состанок на Рамштајн формат во Брисел, но не е донесена одлука.
Украинскиот министер за одбрана, Олексиј Резников беше во Брисел за да изврши притисок врз членките на НАТО за ова прашање, држејќи слика од воен авион кога беше прашан каква воена помош бара неговата земја.
Сепак, сојузниците на Украина ветија повеќе оружје, муниција и тенкови додека војната со Русија достигнува критична фаза, при што се очекува двете страни да започнат офанзива напролет кога ќе се подобри времето.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето ноќно обраќање во вторникот ја подвлече важноста од брзо донесување одлуки: „Сега можеме да видиме дека Кремљ се обидува да го истисне целиот можен потенцијал за агресија од Русија. Тие брзаат. Затоа што знаат дека светот е сè уште посилен, но потребно е време да се акумулира неговата сила“.
-Затоа, брзината е многу важна. Брзината во сè. Во донесувањето одлуки. Во спроведувањето на одлуките. Во испораката. Во обуката. Брзината спасува животи, брзината ја враќа безбедноста, додаде тој.
Во Брисел, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, рече дека сојузниците во блокот даваат „невидена поддршка“ на Украина за да „помогнат да го одржи нејзиното право на самоодбрана“.
-Од самиот почеток, ние работиме многу тесно со Европската унија, за условите за поддршка на Украина онолку долго колку што е потребно, додаде тој.
Русија го зголемува притисокот во близина на Бахмут во провинцијата Доњецка област, чие заземање ќе и даде на Русија значителен симболичен поттик пред првата годишнина од војната на 24 февруари.
Според локалните медиуми, украинските сили разнеле мост во близина на Бахмут, што може да укаже дека планираат да се повлечат од областа, но Киев негира дека има намера да го напушти градот.
Зеленски во вторникот рече дека „тоа е буквално битка за секој метар украинска земја“.
Извор: Еуроњуз
Подготви: А. Р. (Фронтлајн)