По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, Тимот Европа и Обединетите нации (ОН) во земјава денеска ја доделија наградата „Европска жена на годината“ за оваа година. Наградата ја добија седум жени од земјава, препознаени како креатори на промени во нивните заедници.
Оваа награда е востановена во 2022 година од Делегацијата на Европската Унија, како начин да се признаат и промовираат еднаквоста и еднаквите можности како темелни вредности на ЕУ.
Второто издание за оваа година е организирано под покровителство на Тим Европа и Претставништвото на ОН во нашата држава. Секоја кандидатка беше претставена од по еден амбасадор од меѓународните организации и амбасади во земјава.
Евроамбасадорот Дејвид Гир во своето обраќање по повод доделување на наградата посочи дека 8 Март е денот кога се зборува за важноста на женските права и за родовата еднаквост.
-Со овој настан сакаме да дадеме почит на жените кои придонесуваат за својата заедница и постигнуваат напредок, но и ги кршат табуата во општеството. Секоја од нив е извонредна на свој начин и е инспирација за сите нас. Родовата рамноправност е европска, но и меѓународна вредност, посочи Гир.
Првата кандидатка Алмира Фасљи Муарем, ромска активистка од Скопје денеска беше претставена од Петра Дрекслер, амбасадорка на Германија.
Таа во своето обраќање напомена дека зборот кој најдобро ја опишува е „жена борец“, затоа што борбата за родова рамноправност, борбата против дискриминација кон Ромките и кон жените, борбата за вклученост на жените во сите сфери на делување и живеење, е мотото под кое се води секој ден.
Марија Дуда Дибиаџио, претприемачка од Крива Паланка, која беше претставена од Бјорн Габриел, шеф на претставништвото на ЕИБ, во своето обраќање денеска по повод наградата посочи дека зборот кој нејзе ја опишува е „храброст“, која и било потребна најмногу при враќање од Америка во Македонија и започнување свој бизнис, односно потфат во гранка која е доминирана од мажите – фармата или работењето со агресивни животни. Храбоста ја потикна да работи со агресивни животни и по работата со нив, животните да имаат терапевтско дејство за луѓето со попреченост, возрасни и деца.
Катерина Котеска-Стисниовска, адвокатка од Битола е кандидатката која беше претставена од Хозе Луис Лосано Гарсија, амбасадор на Шпанија. Како што рече, зборот кој нејзе ја опишува е „бестрашна“, затоа што секоја жена треба да биде бестрашна во своето сопствено остварување, како жена, мајка, но и како еднакво член на општеството.
Елмедина Абдулахи, поборничка за животната средина од Тетово, која беше претставена од Софија Филипиду, амбасадорка на Грција, рече дека нејзиниот збор е „љубовта“ – љубовта за животот, природата и децата, бидејќи како што рече, секоја работа која се работи со љубов води кон успехот.
Греса Мустафаи, спортистка од Струга, која беше претставена од Грегор Прескер, амбасадор на Словенија, рече дека се гледа себе си како силна, искрена и мотивирана. Нејзината порака за најмладите е дека не треба да се плашат од нови предизвици.
Ана Витанова Рингачева, универзитетска професорка од Струмица, претставена од Ами Ларсон Јаин, амбасадорка на Шведска, во обраќањето по повод наградата потенцираше дека за себе го одбира зборот „споделување“ затоа што ја работи најблагородната професија, тоа е професорска работа, а како што рече, да се биде учител за неа е животна мисија.
Далиборка Златева, поборничка за лицата со попреченост од Велес, претставена од Росана Дуџиак, постојана координаторка на ОН потенцираше дека себе си се гледа како упорна, истрајна и храбра, а она што лично го работи е филтрирање и инклузија на лицата со попреченост во општеството и нудење услуги на најранливите и на оние кои се немоќни.