Кога албанскиот премиер Еди Рама во септември 2025 ја претстави Диела – виртуелна „министерка“ создадена со вештачка интелигенција – пораката беше простирана како политички плакат: јавните набавки ќе се исчистат од човечка „слабост“, тендерите ќе станат транспарентни, а државната администрација ќе се движи побрзо и поеднакво за сите. Диела беше прикажана како дигитално лице на една стара битка: корупцијата во системот што ги дели парите на државата.
Само неколку месеци подоцна, истата таа приказна почна да личи на балканска алегорија за технологија и моќ. „Родителите“ на виртуелната министерка – институцијата и луѓето што ја создадоа и ја одржуваат – се најдоа под истрага и мерки за обезбедување поради сомнежи за организирано влијание врз тендери. Симболот што требаше да го претставува „чистиот код“ се сопна на калта на сопствената инфраструктура.
Диела, според најавите, не беше само анимирана маскота. Идејата беше таа да биде вклучена во системот на јавни набавки и да надгледува процеси што традиционално се најпогодни за клиентелизам: критериуми, бодирања, рокови, одлуки, жалби. Рама ја продаваше како радикален пресврт – ако одлуката не ја носи човек, нема кому да му се плати мито и нема кого да го притиснеш зад затворена врата. Во меѓувреме, албанската јавна платформа е-Albania, каде Диела претходно работеше како виртуелен асистент, веќе имаше милионска интеракција со граѓаните, што владата го користеше како доказ дека „дигиталната држава“ е вистинска и дека следниот чекор е автоматизација на корупциски најризичниот сегмент – тендерите.
Токму тука, во јазолот меѓу технологијата и јавните пари, избувна скандалот. Албанската Специјална структура за борба против корупција и организиран криминал (SPAK), во координација со Националното биро за истраги, на 16 декември 2025 спроведе операција во рамки на случај што ја таргетира Националната агенција за информатичко општество (AKSHI) – институцијата што управува со државната дигитална инфраструктура, вклучително и со е-Albania и проектите поврзани со вештачка интелигенција. Во таа операција беа опфатени осум лица, а директорката на AKSHI, Мирлинда Карчанaj, и заменичката Хава Делибаши, завршија во куќен притвор. Обвинителството наведува сомнежи дека биле дел од структуриран криминален круг што систематски манипулирал процедури за јавни набавки во рамки на агенцијата.
Обвинителските наводи, како што ги пренесуваат медиумите што ја следеа истрагата, не се сведуваат на административни „пропусти“. Се зборува за модел: притисоци врз конкуренција, закани и принуда за да се повлечат жалби, „местење“ на исходи за однапред избрани компании и паралелен бизнис-механизам што ја претвора јавната набавка во приватна каса. Имињата што се појавуваат како организатори на шемата – Ергис Агаси и Ермал Бекирај – се спомнуваат во контекст на сериозни кривични дела, од недозволена конкуренција со принуда, преку повреда на еднаквост во тендерски постапки, до перење пари. Во истрагата се споменува и полициски функционер од Тирана, како и повеќе бизнисмени со мерки за забрана на движење.
Во нормална држава, ваквиот случај би бил уште еден доказ дека борбата против корупцијата е болна, но жива – обвинителството работи, системот се чисти. Во албанскиот случај, парадоксот е бучен затоа што владата претходно го претстави истиот систем како „антикорупциско чудо“: ако тендерите ги гледа Диела, тие ќе бидат чисти. Но, ако институцијата што ги креира и управува клучните дигитални системи е под сомнеж за тендерски криминал, прашањето не е само морално, туку техничко и безбедносно: кој ја контролира машината што треба да контролира корупција?
Тука се расплетува проблемот со „техно-решенијата“ на балканските влади. Вештачката интелигенција може да автоматизира процес, да намали човечки контакт и да остави траг во логови. Но не може да ги замени институциите, ниту да ги поништи старите мрежи ако тие се преместат едно ниво повисоко – кај оние што ги пишуваат правилата, ги избираат добавувачите на технологии, ги дефинираат параметрите, ги отвораат пристапите и ја одржуваат инфраструктурата. Кога корупцијата е системска, таа не исчезнува со алгоритам; таа само ја менува адресата.
Скандалот околу AKSHI затоа се чита и како удар врз политичката реторика на Рама за „нов мандат на транспарентност“ и за европеизација на државата. Албанија е кандидат за ЕУ и под постојан мониторинг за владеење на правото, јавни набавки и борба против организиран криминал. Дигитализацијата може да биде плус, но само ако е придружена со независен надзор, проверливи стандарди и јасни одговорности. Во спротивно, „дигиталната држава“ станува сценографија: убав интерфејс над старите механизми на распределба на моќ и пари.
Најнезгодното прашање останува она што никој не сака да го постави јавно: ако Диела е интегрирана во процеси на јавни набавки, дали може да биде „компромитирана“ – не во смисла дека самата ќе биде корумпирана, туку во смисла дека ќе стане фасада зад која одлуките и понатаму ќе се носат како и досега, само со подобра презентација. Во технологијата, довербата не се гради со аватар, туку со архитектура: кој има пристап, кој ја проверува логиката, кој ја ревидира, кој ја одобрува секоја промена, кој ја следи злоупотребата и кој одговара кога ќе се случи.
Диела требаше да биде „лице против корупцијата“. Наместо тоа, стана огледало на едно старо правило на регионот: кога државата ќе си стави нова маска, најважно е да се гледа што се случува под неа.