Заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана и Северноатлантскиот совет, кој го сочинуваат амбасадорите на земјите членки, на покана на босанските власти следната недела ќе го посетат Сараево.
Делегацијата на НАТО ќе престојува во Сараево на 1 и 2 февруари, соопшти НАТО.
Првиот ден е предвиден за средба со членовите на Претседателството на БиХ и со претседавачот и членовите на Советот на министри, како и со колегиумот на Парламентарното собрание на БиХ.
Вториот ден, 2 февруари, заменик-генералниот секретар и амбасадорите на земјите членки ќе се сретнат со студенти, ќе ја посетат и воената база Рајловац, каде што ќе разговараат за практична соработка меѓу НАТО и БиХ.
Предвидени се и средби со командантот на штабот на НАТО во Сараево, со новиот командант на силите на ЕУ во БиХ, со високиот претставник Кристијан Шмит и претставници на меѓународната заедница во БиХ.