Високи украински функционери во Ријад на разговори за мировните опции

Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, денеска потврди дека е во посета на Ријад, заедно со шефот на Советот за национална безбедност, Рустем Умеров, на разговори за патиштата кон мирот во Украина и учеството на Саудиска Арабија во овој процес.

Јермак на социјалните мрежи напиша дека се одржани состаноци со саудискиот министер за одбрана и советникот за национална безбедност.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека Турција, земјите од Заливот или европските држави би можеле да бидат домаќини на разговори со рускиот претседател Владимир Путин.

Јермак информира дека тој и Умеров се сретнале и со премиерот и министерот за надворешни работи на Катар, Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани.

– Тоа беше суштински разговор: разговаравме за резултатите од самитот на лидерите во Вашингтон, добивме ажурирани информации за мировниот процес и ги разгледавме деталите за безбедносните гаранции за Украина. Посебно внимание посветивме на хуманитарниот аспект, изразувајќи благодарност до Катар за неговата многу конкретна помош во враќањето на незаконски раселените украински деца, напиша Јермак на Х.

Тој нагласи дека главната цел на Украина останува непроменета – одржлив и праведен мир и додаде дека претстои серија посети на други земји. 

Зачлени се на нашиот е-билтен