Виз ер стартува со директни летови Скопје – Штутгарт три пати неделно

Од денеска (29 септември) скопскиот аеродром доби уште една редовна авионска линија – Скопје – Штутгарт, со која „Виз ер“ ја проширува својата мрежа од Македонија кон Германија. Првиот лет полета во 06:25 часот наутро, соопшти ТАВ Македонија.

„Во соработка со Виз Ер и Владата, горди сме што ќе ги опслужуваме патниците на оваа нова линија. Таа е важна не само за граѓаните и бизнисот, туку и за дијаспората која живее во Германија“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Летовите ќе се одвиваат три пати неделно – понеделник, среда и петок, со утрински термини, а по завршувањето на летниот ред на летање (24 октомври), распоредот продолжува со исти часови и во зимската сезона.

Со оваа нова линија, Скопје сега е директно поврзано со девет германски градови: Штутгарт, Берлин, Дортмунд, Баден-Баден, Фридрихсхафен, Хамбург, Франкфурт-Хан, Минхен-Меминген и Нирнберг.

Штутгарт е атрактивна дестинација за сите генерации – од љубителите на автомобилизмот со музеите на „Мерцедес-Бенц“ и „Порше“, преку винските фестивали и културните знаменитости како операта и државниот театар, до уникатните паркови во форма на „Зелено У“.

Новата линија претставува мост помеѓу семејствата, бизнисите и новите можности, а за македонската дијаспора носи полесна и побрза врска со татковината.

Зачлени се на нашиот е-билтен