Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Визна либерализација: Дали 2024 година ќе стави крај на изолацијата на Косово?

Иако пратениците во Европскиот парламент уште во средината на април на пленарната седница во Стразбур го поддржаа укинувањето на визите за граѓаните на Косово, последната земја од Западен Балкан чии жители требаше да имаат виза за влез во ЕУ, а Франција во меѓувреме се закани со суспензија на одлуката, Косовците од првиот ден на 2024 година можат да патуваат во рамките на Европската унија без визи, пишува Ал Џезира Балканс.

Важноста на оваа одлука премиерот Албин Курти ја објасни со фактот дека една третина од граѓаните на Косово живеат во егзил и истакна дека „либерализацијата (на визниот режим) е право заслужено со тешка мака“.

Вкупно 12 години чекање и околу 100 услови

Дан Илази, истражувач и аналитичар и раководител на одделот за истражување на Косовскиот центар за безбедносни студии, потсетува дека Косово чека визна либерализација 12 години откако беше претставена „патната карта“ креирана од Европската комисија и 14 години откако на другите балкански земји им беа укинати визите.

„Патната карта се состоеше од вкупно 100 услови, од кои 95 беа барања и пет индикатори кои покажуваа дека Косово ги исполнува овие услови. Дополнително, често Европската комисија или земјите-членки на Унијата испорачуваа дополнителни непишани барања што го комплицираа целиот процес на визна либерализација“, објаснува тој.

Според него, патот на Косово кон визна либерализација бил различен од другите земји во регионот.

„Некои барања беа двосмислени, така што имаше различни толкувања на тие барања. И покрај овие пречки, Косово доби позитивна препорака од Европската комисија во мај 2016 година, со тоа што сепак требаше да го ратификува договорот за границата со Црна Гора и да ги зајакне антикорупциските мерки. Со овие два дополнителни барања Косово исполни вкупно 102 услови“, додава Илази.

Поради ваквиот однос на Унијата, мнозинството граѓани на Косово сметаат дека главната причина се предрасудите и стереотипите.

„Дури во последната фаза имаше и обиди за поврзување на визната либерализација со системот ЕТИАС, што би значело сосема поинаков пристап и услови во однос на другите држави од Западен Балкан. Според истражување спроведено од Центарот за безбедносни студии (КЦСС), 65 отсто од анкетираните Косовци веруваат дека доцнењето со укинувањето на визите е повеќе поради предрасуди и стереотипи, отколку технички прашања“.

Крај на редиците пред странските амбасади

Очекувањата на Косово се дека визната либерализација ќе ја забрза миграцијата, што се случи и во другите земји од регионот.

„Иако укинувањето на визите е многу значајно достигнување на полето на евроинтеграциите за Косово, забележано е намалување на ентузијазмот поради долгиот и нерамноправен процес. Додека се ветува интеграција во ЕУ и давање повеќе можности за Косовците, вклучително и полесно патување, зголемена културна размена и посилни врски со дијаспората, од друга страна, интересот за тоа ’патување‘ се намалува поради нееднаквиот третман со другите земји во регионот“, смета Илази.

Според него, укинувањето на визите ќе ја зголеми интеграцијата на Косовците во ЕУ, што ќе го зајакне чувството на припадност во Унијата, ќе стави крај на изолацијата и ќе ја зголеми културната размена.

„Постои загриженост за потенцијалната злоупотреба на укинување на визите и последиците од регионалната нестабилност, особено по неодамнешните тензии на северот на Косово. Сепак, Владата проактивно работи на решавање на овие предизвици преку кампањи“, заклучува Илази.

Една од причините за можното зголемување на миграцијата од Косово е безбедносната состојба на северот по нападот во Бањска.

Според Фатмир Сехоли, директор на Институтот за афирмација на меѓуетничките односи од Приштина, најпозитивен факт во визната либерализација е нејзиниот историски момент, бидејќи граѓаните на Косово за првпат го добиваат тоа право.

„Треба да им се заблагодариме на претходните власти пред Курти затоа што дадоа голем придонес за да се случи 1 јануари 2024 година. Визната либерализација ја исполнува суштината на независноста на државата Косово и крај на редиците пред странските амбасади, но и крај на корупцијата поврзана со визите. А од негативните ефекти, секако најголем е тоа што визната либерализација може да го забрза процесот на иселување од Косово поради економијата“, предупредува Сехоли.

Остануваат визите за Босна и Херцеговина

По укинувањето на визите за ЕУ, останува нерешено прашањето за слободата на движење меѓу Косово и Босна и Херцеговина, што е преседан во меѓународните односи.

„Политички односи помеѓу Босна и Херцеговина и Косово не постојат. Кога го кажувам тоа, тогаш мислам дека нема официјална соработка, а со тоа и средби меѓу претставниците на двете земји“, потсетува Харун Нухановиќ, магистер по меѓународни односи и дипломатија.

„Сето тоа е последица на непризнавањето на Косово како држава од страна на Босна и Херцеговина, а што упорно го запираат српските политичари. Можеме да видиме дека во последно време некои политичари од БиХ се состануваат со премиерот Албин Курти. Тема на тие средби се токму договорите од Берлинскиот процес потпишани на крајот на 2022 година. Иако тогашниот претседавач со Советот на министри Зоран Тегелтија ги потпиша договорите, тие до ден денес не се ратификувани од Парламентот на БиХ“.

Нухановиќ нагласува дека косовските власти добро ја разбираат политичката ситуација во Босна и Херцеговина и се запознаени со тоа кој ја блокира ратификацијата на потпишаните договори.

„Економските односи меѓу двете земји се добри и покрај блокадите и трговската размена закрепнува по воведувањето на царините од 100 отсто во 2018 година. Договорите од Берлинскиот процес ќе придонесат за подобра и посилна трговска размена меѓу Босна и Херцеговина и Косово, како што беше пред воведувањето на визите во 2013 година. Но, во сето тоа најголема улога има политиката, што пред две години го потврди и Младен Босиќ, велејќи дека нема да има конечно решение додека не се решат прашањата за односите меѓу Србија и Косово“, смета Нухановиќ.

Очекувања на граѓаните и политичарите од Босна и Херцеговина дека ЕУ ќе ја натера српската страна да ја одобри ратификацијата на договорите од Берлинскиот процес, Нухановиќ ги смета за неоправдани.

„Во однос на притисоците од ЕУ, мислам дека нема доволно ефикасни механизми кои би можеле да вродат со плод. Како може ЕУ да ги условува српските политичари од Босна и Херцеговина да ги ратификуваат потпишаните договори? Со приемот на Босна и Херцеговина во Европската Унија? Ако не сакаат да ги исполнат 14-те приоритети кои се поставени пред властите на Босна и Херцеговина, зошто би исполниле уште некој дополнителен услов“, прашува Нухановиќ.

Зачлени се на нашиот е-билтен