Во изминатиот период имаше неколку случаи во кои слушавме различни изјави од премиерот, а различни од министрите од неговата Влада. Тој тврдеше дека парите за пругата кон Бугарија може да се пренаменат на пругата на Коридорот 10, но го демантираше министерката за финансии, ајавноста остана збунета. Потоа пак таа објаснуваше дека всушност зборувале за исто само со различна терминологија. Изјавите на различните министерства не се поклопува ниту за инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи, за кој се уште чекаме детали. Излегува дека институциите кои треба да се главен извор на информации за граѓаните постојано споделуваат различни ставови, па ништо поразлично не е новиот статус на премиерот.
Во обид да ги пофали новите директори по само еден месец работење, Мицкоски прво објави зголемување на наплатата во УЈП и Царина, додека во овие институции се уште не беа сменети кадрите на претходната власта, а денеска објави дека и ЈП Државни патишта наплатиле повеќе пари од патарините во земјава.
Со парите вели градиме градинки, училишта, патишта, болници, нови работни места.
-Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски ме извести дека на наплатните рампи во јули 2024 година има промет од 470.194.563 денари што е повеќе за цели 16.071.251 денари, споредено со истиот период лани, вели Мицкоски.
Ова пак не кореспондира со изјавата на министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска која пак вели дека голем притисок којшто се прави врз Буџетот доаѓа од исплатата на гаранциите, односно кредити за одредени јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост коишто не се во состојба да ги вратат парите, а таков е случајот токму со „Државни патишта“.
– Станува збор за сериозна тежина којашто се прави врз Буџетот од исплатата на гаранциите, затоа што поради корупција и криминал некои претпријатија се уништени и сето тоа паѓа на товар на државата. И наместо да обезбедиме 100 милиони евра за инвестиции во здравство, образование и слично, ние враќаме гаранции, односно кредити на јавните претпријатија коишто не се во состојба да ги вратат. На пример само за ЈПДП годинава сервисираме 90 милиони евра. Ако до минатата година ова претпријатие било во состојба да плати една рата во годината, сега не може да сервисира ниту една, потенцира Димитриеска-Кочоска.
Во вестите на МРТ додаде дека тоа се случува во момент кога Буџетот е во тешка состојба, а државата како крајна инстанца мора да обезбеди пари за враќање на кредитите.