Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Владата најавува изградба на четврти блок во РЕК Битола

За земјата да ја постигне енергетската независност од руски гас, клучно е во претстојниот период да се изгради интерконективниот гасовод од Неготино до Грција. САД даваат огромна поддршка на земјава, а од Владата повикуваат што поскоро во Собранието да се одблокира донесувањето на законот преку кој Електрани на Северна Македонија ќе биде во можност да влезе во инвестицијата за изградба на овој стратешки проект. Извори од Владата очекуваат до крајот на годинава да се почне изведбата на гасоводната врска со Грција.

На денешниот брифинг со медиумите, од Владата информираа дека постои интерес од инвеститори за изградба на нов, четврти блок во РЕК „Битола“, којшто би произведувал електрична енергија од гас. Станува збор за инвестиција која е во финална фаза на проектирање, но од Владата засега не даваат повеќе детали.

Воедно, голема гасна електрана со моќност од 800 мегавати е предвидено да се гради во Неготино, за што од Владата информираат дека Србија во моментов е подготвена да потпише и меморандум за соработка во однос на изградбата на оваа гасна електрана.

Гасоводната врска со Грција ќе се гради со најголемиот можен капацитет, бидејќи интерес за увезување на гас преку нашата земја има и од Србија и Косово, велат од Владата. Штом се изгради, нашата земја ќе може да увезува природен гас, како од гасоводот ТАНАП што минува низ Грција, така и од најавените гасни терминали што се градат во Грција.

Воедно, од македонската Влада брифираат дека со огромната поддршка од САД изминатава грејна сезона се постигнала енергетска стабилност и независност преку обезбедената либерализација на пазарот и користењето не само на руски гас, туку и на гас купен од Азербејџан, Алжир и други извори. Од владата велат дека немало никакви пречки во испораката на енергенсите од Бугарија изминатава зима. (МЕТА)

Зачлени се на нашиот е-билтен