Владата одлучи да спроведе итни и вонредни инспекциски контроли во сите легални фабрики за одгледување и производство на медицински канабис, за да се спречело нелегалното индустриско производство и пласирање на дрогата на домашниот и меѓународниот црн пазар.
Како што беше соопштено по денешната владина седница, надлежните институции се задолжени да ги спроведат контролите на целата територија на државата и во рок од 45 дена да достават извештај до Владата.
Во исто време, Владата најави промена на членовите на меѓуресорската државна комисија за борба против нелегалното производство и трговија со дрога, која постои од 2017 година. Според Владата, комисијата досега не била активна и не дала конкретни резултати, поради што во иднина ќе се бараат редовни и детални извештаи за нејзината работа.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и МВР продолжуваат со истрагата за потеклото на над 40 тони запленета марихуана во Македонија, како и за евентуалната поврзаност со петте тони марихуана запленети во Србија.
Од Обвинителството информираат дека акцијата се спроведува во тесна соработка со МВР и Комисијата за одобрување на одгледување канабис за медицински цели при Министерството за здравство, а истрагата сè уште е во тек.