Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Владата назначи три нови национални координатори и Влатко Ѓорчев доби јавна функција за плата од 105.000 денари


Поранешниот пратеник и долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев ќе биде нов национален координатор за демографија и млади ќе добива нето-плата од околу 105.000 денари месечно. Ова било одлучено на една од последните владини седници, кога била донесена одлука да се отворат три нови позиции за национален координатор.

Во 2021 година, Ѓорчев реши да работи во приватниот сектор, отворајќи сопствена фирма. Преку објава на Инстаграм, тој кажа дека неговата фирма ќе биде во областа на маркетингот, советувањето, трговијата и услугите.

„Здраво на сите. Решив да работам во реалниот сектор. Приватно, во своја фирма, во областа на маркетингот, советувањето, трговијата и услугите. Во Македонија секогаш има пофалби и критики. Ако имав државна работа – ќе имаше критики. Ако одиш приватно – повторно критики и неколку честитки. Ако успееш – пак критики. Ако не успееш, тогаш критики и сеир. Животот оди понатаму“, напиша тогаш Ѓорчев на социјалната мрежа.

Како и за другите национални координатори, така и за новововедената функција на поранешниот гласноговорник на владеачката партија му е одреден коефициент од 2,87 кој се множи со просечната национална нето-плата за минатата година.

Платата на Ѓорчев ќе беше многу поголема доколку претходната власт под притисок на јавноста не ги намалеше коефициентите на платите на именуваните функционери. Коефициентот за националните координатори од 3,3 се намали на 2,87. Одлуката беше донесена во март предизборно, откако започнаа коефициентите да се множат со целата просечна плата. Сепак, и без тоа платата за функционерите забележително се зголеми откако просечната на национално ниво имаше висок раст поради инфлаторскиот притисок. Прилично висок раст бележи просечната плата и оваа година, па се очекува Ѓорчев да има уште поголема во 2025.

Ѓорчев последната државна функција што ја вршеше, пред да биде назначен за национален координатор, беше пратеник во парламентарниот состав до 2020 и ја водеше собраниската комисија за труд и социјална политика, при што тогашното владеачко мнозинство често го прогласуваше за највиновен што не можеа да се изгласаат законите за зголемување на платите во образованието, минималната плата и пензиите.

Во 2019 долг период беше обвинуван од пратениците на СДСМ дека не сака да закаже продолжение на седница на ова собраниско тело на која би се разгледале законските измени за зголемување на пензиите за 900 денари. Беше посочен дека ги кочи дискусиите и ја прекинува седницата за предлог-законот за зголемувањето на минималната плата истата година на тогашни 14.500 денари. Тој тогаш прашуваше дали има финансиска одржливост за вакво зголемување на минималната плата. Во 2020 пред парламентарните избори, непосредно пред распуштање на Собранието, Ѓорчев не ги закажуваше седниците за зголемување на платите на професорите во високото образование за 10 отсто, иако преговорите беа завршени со синдикатот.

На последната владина седница и Лилјана Затуроска е именувана за национален координатор за локална самоуправа, а Верче Мицевска е именувана за национален координатор за безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика. Тие ќе ја добиваат истата плата како и Ѓорчев. Од претходно, национални координатори во новата Влада се Павле Трајанов, Блерант Рамадани и Солза Грчева. Претходната власт до нејзиното заминување имаше 16 координатори, меѓу кои и неколку заменици.

Покрај него, нов национален координатор е и Лилјана Затуроска, која е именувана за локална самоуправа. Таа беше пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ во неколку парламентарни состави до 2020 година. Додека претседател на партијата беше Никола Груевски, Затуроска беше и претседателка на Унијата на жени.

И нејзината сопартијка Верче Мицевска е именувана за национален координатор на истата владина седница. Таа работи во Агенцијата за храна и ветеринарство, а ќе ги координира работите поврзани со безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика.

Владата претходно го назначи и Павле Трајанов за национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, Блерант Рамадани за национален координатор за примена на нови технологии и Солза Грчева за национален координатор за реформи во високото образование.

vladaвлатко ѓорчев

Најново