Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Владеењето на правото во Грција во фокусот на средбата Мицотакис – Мецола

 Владеењето на правото, за кое грчкиот премиер Киријакос Мицотакис рече дека „во Грција е посилно од било кога досега“, беше една од главните теми на средбата со претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, која од своја страна истакна дека Грција има направено важни чекори во транспарентноста, еднаквоста и борбата против расизмот, јави дописничката на МИА од Атина.

Мецола објасни дека Европскиот парламент неодамна усвои резолуција поврзана со владеењето на правото во Грција, но и посочи дека ЕП инсистира на годишен извештај од ЕК за сите земји-членки на Унијата.

-Сакам да бидам јасна дека сите земји-членки мораме да ги третираме на ист начин. И од таа причина ние како Парламент инсистиравме на годишен извештај за владеењето на правото од Европската комисија, кој сите земји-членки ќе ги стави под ист надзор. Зошто го побаравме ова? И тоа е нешто што го баравме многу години. Затоа што сакаме искрено да разговараме за прашањата и мора да бидеме внимателни да не ги политизираме или инструментализираме важните дискусии за владеењето на правото, истакна Мецола.

-Ќе кажам уште еднаш, имавме можност и со претседателката да разговараме за тоа: крајниот судија за квалитетот на владеењето на правото во една европска земја е Европската комисија, која има и непристрасност и објективност да може да го контролира напредокот на секоја земја-членка за овие многу критични прашања, порача Мицотакис

Претседателката на ЕП и грчкиот премиер, исто така ја истакнаа важноста на учеството на граѓаните на евроизборите.

Мецола денеска е во официјална посета на Грција во пресрет на европските избори што ќе се одржат во јуни, а освен што се сретна со Мицотакис, беше примена и од претседателката Катерина Сакеларопулу, но и одржа говор во грчкиот Парламент. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира