Народната „кучињата лаат караванот си врив“ успешно функцонира и кај владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и Знам. Кампањата се разгорва бидејќи се ситнат деновите до 2 ноември кога треба да се одржи вториот круг од локалнлите избори.
Денеска дел од лидерите и раководни структури на партиите кои ја сочинуваат коалицијата „Вреди“ на градскиот плоштад во Тетово имаа средба со активистите и граѓани со цел симболично да означат продолжување на кампањата во пресрет на вториот круг од локалните избори. По настанот изјава даде само претседателот на Движење Беса и кандидат за градоначалник на Тетово, Биљал Касами. Друштво му правеше Хазби Лика кој беше градоначалник на Тетово 2005 до 2009 како кандидат на ДУИ.
„Во вториот круг ќе продолжиме уште посилно за да пристапиме до секој гласач и да докажеме дека победата и во вториот круг ќе биде уште поубедлива и да докажеме дека народот ќе оцени, кој од кандидатите ќе биде најдобар за решавање на нивните проблеми и која програма е најдобра за нив, а не за теми кои не се реални во конкретниот случај за изборите кои се на локално ниво, рече Касами.
Новинарите денеска се обидоа од Касами да извлечат коментар за ставот на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски кој рече дека не треба да има поделба по етнички прашање за локални избори, но Касами остана без конкретен одговор.
„Во Тетово ме знаат дека јас како градоначалник и во минатиот мандат бев градоначалник на сите граѓани, без разлика на политичката, етничката и верската припадност. Граѓаните знаат дека јас сум реализирал проекти, големи проекти, тоа и во села каде што имаат добиено моите политички конкуренти. Исто така сум реализирал проекти и во средини во општина Тетово кои се мнозинско од македонци, ромските, од турска заедница… За мене важни се граѓаните и во следниот период ќе работам за сите граѓани во општина Тетово, ќе бидам градоначалник на сите, без разлика на политичката, етничката и верската припадност, рече Касами.
За тоа дали коалицијата „Вреди“ ќе го поддржи кандидатот на ДУИ во Кичево, Касами вели дека се фокусирал на Тетово.
„Во овој период јас сум фокусиран на поддршката која треба да ја добијам од моите граѓани во Тетово, затоа што сега целиот ангажман ќе биде во тој правец. За другите теми има став дадено од коалицијата, рече Касами.
Инаку лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски во кампањата неколку пати рече дека коалицијата во владата е семејство и дека треба едни со други да си помагаат. Но Касами во дебата на албанската телевизија Сири рече дека ВЛЕН во вториот круг во Кичево ќе го поддржи кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари, а не вмровскиот предлог Александар Јовановски, кој победи со 5.000 гласови разлика.
Мицкоски синоќа на собирот во општина Аеродром но претходно и во обраќањето по повод празникот 23 Октомври, не пропуште да каже дека е разочаран од плановите на Касами потенцирајќи дека членовите на ВМРО-ДПМНЕ „крвареле“ за да ги поддржат Изет Меџити или Билал Касами.
„Понекогаш кога ги реализираме стратешките цели крваревме како ВМРО-ДПМНЕ. И поднесовме жртва. Не беше лесно. Многу ми беше тешко кога ги гледав нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, Струга, Чаир и Дебар. И за тоа плативме цена. За тоа има жртва“, рече Мицкоски.
На митинзите во Гостивар и Чаир тој директно ги повика членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за кандидатите на „Вреди“, Сабаедин Даути и Изет Меџити, но во Тетово за Касами не повика на поддршка.
Билал Касами во истата дебата на телевизијата Сири рече дека очекува албанските гласови да се здружат во вториот круг на изборите во Брваница (општина крај Тетово), каде досегашниот градоначалник, Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ, е во предност пред кандидатот на ВЛЕН, Хаќим Рамадани. Тој веќе ги искина плакатите на кои покрај неговото име стоеше ознаката на ВЛЕН и повика на здружување на сите Албанци во општината.
Касами исто очекува поддршка од сите Албанци и од структурите и поддржувачите на ДУИ во општина Долнени, каде во вториот круг ќе се борат нивниот претставник и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
Касами победи во првиот круг од изборите за градоначалник во Тетово со разлика од 3.800 гласови пред кандидатот на коалицијата околу ДУИ, Бајрам Реџепи. ВМРО-ДПМНЕ на советничките листи освои 4.200 гласа и јасно е дека најмногу од партиските членови и симпатизери го поддржале барањето на партискиот врв и лидерот Мицкоски да гласаат за Касами. Слично беше и во Чаир. Гласовите на вмровците беа пресудни Изет Меџити да победи уште во првиот круг. Меџити сега се оддолжува за тие гласови со тоа што дава јавна поддршка за Орце Ѓорѓиевски во Скопје, за Миодраг Лабудовиќ во Центар и за Максим Димитриевски во Куманово.


