Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Владејачката партија во Јужна Африка претрпе историска загуба на изборите

 Владејачката партија Африкански национален конгрес (АНЦ) во Јужна Африка го загуби апсолутното мнозинство за првпат во три децении, соопшти денеска изборната комисија на земјата по овонеделните парламентарни избори.

Со преброени 97,51 отсто од гласовите, АНЦ освои 40,11 отсто од гласовите, соопшти изборната комисија, јави ДПА. Прелиминарниот делумен резултат покажува масовна загуба на моќта за владејачката партија на претседателот Сирил Рамафоза.

За првпат во историјата на земјата, партијата што некогаш ја предводеше борецот против апартхејдот Нелсон Мандела ќе мора да формира коалиција.

Во текот на изминатите 30 години, од почетокот на демократијата во 1994 година, АНЦ секогаш освојуваше апсолутно мнозинство и сама управуваше со најсилната економија на континентот.

Според прелиминарните делумни резултати Демократска алијанса (ДА) освои 21,71 проценти, додека партијата основана пред само шест месеци од поранешниот претседател Џејкоб Зума, uMkhonto we Sizwe (MK) освои 14,84 отсто од гласовите. Партијата под влијание на марксистите, Борци за економска слобода (ЕФФ) освои 9,37 отсто од гласовите.

Јужноафриканската земја со 61 милион жители страда од лоша економија, масовна невработеност, слаби државни претпријатија, редовни прекини на струја, како и висок криминал и корупција.

Членовите на 52 партии се натпреваруваа на изборите одржани на 29 мај за 400 пратенички места. Откако ќе бидат објавени резултатите, новоизбраниот парламент мора да формира влада и да избере претседател во рок од 14 дена. На изборите се гласаше и за покраинските влади.

Политички и економски, Јужна Африка се смета за „порта кон Африка“, континент кој станува сè поважен на меѓународно ниво поради изобилството на суровини потребни за глобалната енергетска транзиција од фосилните горива.

Иако Јужна Африка одржува добри односи со западните земји, владата е тесно поврзана со Русија и Кина. Земјата зазеде силен пропалестински став во војната во Газа и поднесе тужба за геноцид против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.

Треба да знаете
Moже да ве интересира