По повод Неделата на медиумска писменост, разговаравме со Владимир Петрески, главен уредник на Вистиномер.мк и учесник во проектот „Балкански медиумски камион“ — иницијатива што ја реализира Француската амбасада во Скопје во соработка со Фондацијата Метаморфозис. Петрески говори за целите на оваа акција, предизвиците во борбата против дезинформациите, медиумската писменост и состојбата на медиумите во Македонија и регионот.

Рацин: Што претставува „Балканскиот медиумски камион“ и која е неговата цел?
Петрески: Оваа акција е во организација на Француската амбасада, а Фондацијата Метаморфозис е извршен партнер. Проектот патува низ шест држави од Западен Балкан — Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово.
Ова е првпат да се реализира ваква активност, чија идеја е директно на лице место, таму каде што граѓаните живеат и гравитираат, да се разговара со нив и да се поттикне свеста за важноста на справувањето со дезинформациите.
Рацин: Какви се досегашните искуства од земјите низ кои помина камионот?
Петрески: Многу позитивни. Не станува збор само за поставување на камионот, туку има и бројни активности околу него — презентации во училишта, дебати, квизови и дружења со граѓаните. На пример, во Штип имавме настан со францускиот амбасадор и градоначалникот, а на Универзитетот „Гоце Делчев“ држав презентација за најчестите дезинформации во Македонија и за наративите што се шират преку социјалните мрежи.

Рацин: Кој е повеќе таргетиран со овие активности — младите или повозрасните граѓани?
Петрески: И едните и другите. Младите се повеќе присутни на социјалните мрежи, но повозрасните полесно подлегнуваат на дезинформации. Младите се фокус на едукацијата, но и со постарите многу разговараме. Имаме случаи кога луѓе со влијание — како еден сограѓанин од Штип кој има неколку антивакцинални страници со над 10.000 следачи — ни приоѓаат и отворено зборуваат со нас.
Рацин: Вистиномер.мк е веќе долго време активен во борбата против дезинформациите. Како функционира вашиот систем на проверка на факти?
Петрески: Работиме на оваа проблематика веќе 13 години. Ние сме партнер на компанијата Мета (Фејсбук, Инстаграм, WhatsApp) за проверка на факти на македонски јазик. Ги истражуваме и обележуваме виралните дезинформации кои можат да нанесат штета — било на поединци или на пошироката јавност.
Редовно спроведуваме и истражувања на јавното мислење за тоа како граѓаните гледаат на проблемот со дезинформациите. Новото истражување ќе биде објавено наскоро.

Рацин: Споменавте и хибридни акции и странски влијанија. Можете ли да објасните повеќе?
Петрески: Да, тоа што Европската Унија го нарекува FIMI — странска интерференција, манипулации и информации. Станува збор за организирани акции од авторитарни режими кои шират дезинформации со цел политичко или економско влијание.
Типичен пример беа лажните дојави за бомби во училиштата — тоа беше дел од поширока хибридна операција спроведена низ цела Источна Европа. Среќа е што институциите реагираа правилно и со време ефектот на паника се намали.
Рацин: Дали има законска рамка што регулира објавување на лажни вести во Македонија?
Петрески: Не постои закон што директно го санкционира тоа, бидејќи член 16 од Уставот гарантира слобода на говор и забранува нејзино ограничување.
Сепак, таму каде што слободата на говор завршува — кај говорот на омраза — веќе има кривични одредби.
Оштетените граѓани можат да тужат доколку претрпат штета од дезинформација.
Во медиумскиот сектор постојат етички кодекси — Кодекс на новинари, Совет за етика во медиумите (СЕММ) и Совет на честа при ЗНМ, каде што може да се поднесуваат жалби.
Дополнително, сега со новите регулативи, порталите мора да бидат регистрирани, што воведува ред во медиумскиот простор.
Рацин: Во јавноста често се зборува дека во Македонија има премногу портали. Дали тоа го нарушува угледот на професијата?
Петрески: Да, имаме голем број портали во однос на популацијата. Но тоа е последица на демократизацијата на медиумскиот простор.
Порано за да отворите телевизија или весник ви требаа големи инвестиции; денес секој може да отвори портал со минимални ресурси.

Рацин: Како ја објаснувате медиумската неписменост кај граѓаните?
Петрески: Таа отсекогаш постоела, само што порано не била видлива. Луѓето кои не разбирале како функционираат медиумите немале можност да се изразат јавно.
Со појавата на интернетот и социјалните мрежи, тие станаа видливи и влијателни.
Денес секој може да биде „медиум“, но без разбирање на одговорноста и етичките стандарди. Затоа медиумската писменост — знаењето како да се препознае и оцени информацијата — е клучна за секој граѓанин.
Рацин: И на крај, како ја оценувате медиумската писменост во Македонија во споредба со регионот?
Петрески: Ние не сме ни подобри ни полоши — нивото е слично на тоа во другите земји од Западен Балкан.
Во Србија, на пример, има над 200 проруски портали, кај нас вкупно има околу толку портали воопшто.
Она што е поважно од споредбите е да правиме истражувања што ќе покажат каде граѓаните имаат најголем дефицит на знаење, за потоа едукативните програми да се прилагодат на тие потреби.

