Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Владина делегација предводена од Маричиќ положи цвеќе на вечното почивалиште на Киро Глигоров

Делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ заедно со заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, денеска положи цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, на Градските гробишта Бутел во Скопје.

-Денеска, кога се навршуваат 12 години од смртта на Киро Глигоров, со овој чин на чествување на делото на првиот претседател на независна Република Македонија, Владата му оддава признание на еден од врвните лидери на независноста на државата кој со своите мудри политички одлуки ги постави правците за развојот на македонската држава, се наведува во соопштението од СЕП.

Глигоров, како што е посочено во соопштението, е еден од најистакнатите градители на современото македонско општество, чувар на мирот, доследен и успешен следбеник на македонските дејци за независна и признаена држава.

Во 1991 година ја предводеше Македонија која по мирен пат се осамостои од дотогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија во која Глигоров извршуваше високи државни функции. На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите Нации кога Република Македонија стана 181. членка на ООН.

Киро Глигоров учествуваше во меѓународното признавање и афирмација на државата и ги постави темелните принципи за членство на денешна Северна Македонија во најмоќната воено безбедносна алијанса во светот НАТО и за прифаќање на државата за членка на Европската Унија.

Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во Скопје во својот дом на 94-годишна возраст.​ 

Зачлени се на нашиот е-билтен