Потпретседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Методија Илиевски побара итни оставки од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски , од министерот за здравство Азир Алиу, како и од директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, поради поради прикривањето на вистинските податоци за загаденоста на воздухот по пожарот во Трубарево, ненавремената реакција и директното загрозување на здравјето на граѓаните.
Во објавата на социјалните медиуми, Илиевски го повика Јавното Обвинителство да отвори истрага и да одговараат сите кои дозволија со своето непостапување да се загрози животот и здравјето на луѓето.
„Итни оставки од министерот за внатрешни работи и министерот за здравство, како и од директорот Стојанче Ангелов. Обвинителството да отвори истрага и да одговараат сите кои дозволија со своето непостапување да се загрози животот и здравјето на луѓето.Денес е јасно дека власта лажеше за Трубарево и степенот на загадување.Лажеше дека не е загаден воздухот, задоцни со реакцијата, не направи евакуација на граѓаните. Официјалните податоци што се објавија дури шест дена по пожарот покажуваат речиси дванаесеткратно надминување на кадмиумот (59,1 ng/m³ наспроти дозволени 5), зголемени вредности на арсен и олово. Ова е воздухот што го дишеле децата и за ова мора да има одговорност и оставки.Кочани, Трубарево, серија на убиства, е реалноста во која живее Македонија денес“, посочи Илиевски.