Власта на Санчез ослабена: Каталонската партија го откажа договорот за поддршка

Санчез губи еден од своите сојузници во парламентот
Фото: World Economic Forum / Jakob Polacsek

Левичарската малцинска Влада на премиерот Педро Санчез во Шпанија губи еден од своите сојузници во парламентот, што ја доведува во прашање иднината на неговата администрација.

Партијата „Заедно“ (Junts) на каталонскиот сепаратистички лидер Карлес Пуџдемон одлучи да го откаже пактот за поддршка со Социјалистичката партија (PSOE) на Санчез, потврдија од „Заедно“ за ДПА.

Одлуката била донесена едногласно на состанок на 50-члениот одбор на партијата во Перпињан, Франција, објави државната ТВ станица РТВЕ. Одборот се состана во Франција, а не во Шпанија, поради сè уште важечките налози за апсење на неколку членови, вклучувајќи го и Пуџдемон.

Членството на партијата допрва треба да го одобри запирањето на соработката со Владата. Сепак, ова гласање в среда и четврток веројатно ќе ја потврди одлуката.

Без гласовите на седумте пратеници на „Заедно“ во Парламентот во Мадрид, левичарската Влада повеќе нема да има мнозинство за да протурка закони, дури и со поддршка од други помали партии. Според експертите, Санчез – кој е на власт од 2018 година – би можел да се соочи и со гласање за доверба. Можно е и тој да распише нови избори. 

Зачлени се на нашиот е-билтен