Власта пак се задолжува, овојпат за унапредување на основното образование, кај собраниското мнозинство глатко помина заемот од 15 милиони евра

На денешната 67. собраниска седница кај владејачкото мнозинство помина Предлог законот за задолжување на Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за дополнително финансирање на Проектот за унапредување на основното образование.

За пратениците на опозициската СДСМ, ова задолжување од 15 милиони евра е само симбол, дел од една поголема слика која, како што рече, власта се обидува да ја држи подалеку од очите на јавноста. Пратеникот, Фатмир Битиќи нагласи дека ако сака јавноста да ја разбере реалната состојба на јавните финансии, доволно е да ги погледне бројките кои ја портретираат сликата.

„Од 1 јули 2024 година до 1 септември 2025 година, Северна Македонија се задолжи за над 1,8 милијарди евра. Една милијарда евра од Унгарија и уште 803 милиони евра преку 33 аукции на државни обврзници со просечна каматна стапка од 4,5 отсто. Дополнително, на почетокот на август Владата најави нови заеми од 950 милиони евра на меѓународниот пазар и 70 милиони евра кај домашните банки, со што вкупниот износ на задолжувањето ќе надмине 2,8 милијарди евра.  Не сум против училиштата, напротив, тие се дел од мојата социјалдемократска визија за еднакво, инклузивно и фер општество, но сум против политичко лицемерие, против фискална неодговорност и против тоа да се задолжуваме без план, без чесност и без отчетност пред јавноста“, рече тој.

Според Битиќи, ова задолжување уште еднаш ја разоткрива суштината на власта на ВМРО-ДПМНЕ – проект што во 2021 година го блокираа, а денес го претставуваат како сопствено осмислен. Битиќи потсети дека истиот проект за унапредување на основното образование, кој сега ВМРО-ДПМНЕ го предлага преку заем, во 2021 година беше блокиран токму од нив.

„Овој проект тогаш не им беше прифатлив, а денес, истиот го претставуваат како свој успех. Што се смени? Само тоа што сега се на власт. Наместо да нудат свои идеи, тие молчат за новата стратешка рамка со Светска банка за периодот 2024-2028. А токму таа стратешка рамка на Светската банка за соработка со Република Македонија вредна 700 милиони евра треба да ги понуди решенијата за се што досега не можело. Но, таму треба да бидат новите визионерски проекти што ќе ја трансформираат економија и јавните услуги. Но, нив за жал ги нема. И наместо тоа се продолжува со политика на засилено задолжување, додека шансите за европски пари и за вистинските развојни програми остануваат неискористени“, рече пратеникот Битиќи.

Заменик-министерот за финансии, Николчо Јанкуловски во образложението на предлог-законот соопшти дека вкупниот износ на заемот кој ќе го додели Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка изнесува 15 милиони евра.

„Заемот ќе биде доделен на Република Северна Македонија под следните услови: Рокот на отплата на заемот е 12 години, со вклучен грејс период од 3 години; Каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР со варијабилен распон; Заемот ќе се отплаќа во 18 полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 15 јуни и 15 декември секоја година; Согласно прописите на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, Република Северна Македонија како заемопримач има обврска да ѝ плати на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка еднократна провизија од 0.25% од износот на заемот (Front-end-fee). Оваа провизија ќе биде платена еднократно од средствата на заемот; Република Северна Македонија ќе ѝ плаќа на Меѓународната банка за обнова и развој – СБ провизија во висина од 0,25% од неповлечениот дел од заемот на годишно ниво“, рече Јанкуловски.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, го бранеа Предлог законот со кој Македонија се задолжува со 15 милиони евра. Бојан Стојаноски истакна дека тој со други пратеници од неговата партија претходно се спротивставиле на ваквите заеми бидејќи, како што посочи, тогаш државата се задолжувала и никој од тоа ништо не видел. А според него сега кога тие се на власт, биле сменети многу нешта.

„Многу е сменето. Прво, заради тоа што не е како досега. А, второ сменети се тие кои седум години владееја и добија 750 илјади гласови со политичка коалиција која доби над 430 илјади гласови за да го смени тоа што беше присутно како до тогаш. Зошто ВМРО-ДПМНЕ тогаш критикуваше на начин на кој што критикуваше“, рече тој. 

И денешната собраниска седница почна по едночасовна пауза на барање на пратеничката група на Левица кои очекуваат одговор од генералната секретарка на Собранието за патните трошоци и кирии за сите пратеници.

Пленарната 67. седница се очекува да продолжи утре.

Зачлени се на нашиот е-билтен