Влатко Стефановски доби престижна награда од „Кроација рекордс“

Еден од најголемите македонски музички уметници, Влатко Стефановски, доби високо признание од „Кроација рекордс“, кое ја потврдува неговата исклучителна улога во обликувањето на музичката сцена на Балканот и пошироко. Наградата, како што соопштуваат од куќата, е признание за уметник чијашто музика одамна ги надминала границите на една држава и станала универзален јазик.

Во образложението се наведува дека Стефановски со децении гради автентичен и препознатлив стил, во кој се спојуваат етно-џезот, инструменталниот рок, џез-фјужнот и блузот – сето тоа длабоко вкоренето во македонското музичко наследство. Токму тој спој го направи еден од најпочитуваните гитаристи на европската и светската сцена.

Од гитарата во детството – до светските сцени

Неговата музичка приказна започнува во 1965 година, кога како дете добива акустична гитара, без ни да претпостави дека токму тој инструмент ќе го однесе на светските сцени. Во гимназиските денови почнува посериозно да се занимава со музика, а желбата да заработи за подобра гитара го води кон создавање бенд.

Така се раѓа „Леб и сол“ – група која подоцна ќе стане еден од највлијателните состави во историјата на регионалната музика. Со својот уникатен звук, бендот ја смени перцепцијата за инструменталната и етно-музиката на Балканот, а Стефановски стана негов заштитен знак.

Албуми што влегоа во историјата

Во периодот од 1978 до 1991 година, „Леб и сол“ сними 13 албуми, меѓу кои и култниот Live in New York, снимен во легендарниот клуб CBGB. По повторното обединување во 2006 година, беше објавен и албумот Live in Macedonia, со кој се одбележаа 30 години од постоењето на бендот.

По распадот на групата, Стефановски започна блескава соло кариера – со бројни албуми, филмска и театарска музика и соработки со светски имиња како John McLaughlin, Allan Holdsworth, Manu Katché, Tony Levin, Pino Palladino, Miroslav Tadić и Teodosii Spassov.

Музика со душа и хуманост

Посебно место во неговиот опус зазема албумот „Сараево“, создаден од емоционална потреба да му оддаде почит на градот што го сака. Средствата од продажбата ги донираше за деца без родители – потег што уште еднаш ја потврди неговата човечка и уметничка големина.

Стефановски соработуваше и со најголемите имиња на хрватската сцена – Џибони, Арсен Дедиќ, Оливер Драгојевиќ, Матија Дедиќ, Миа Димшиќ – како и со Загрепската филхармонија, а неговите проекти редовно беа наградувани со Порин.

Награда што ја крунисува кариерата

Од „Кроација рекордс“ истакнуваат дека наградата доаѓа симболично, веднаш по издавањето на албумот Guitar Sings, снимен со Royal Philharmonic Orchestra во легендарното студио Abbey Road, на кој Стефановски интерпретира десет евергрини на Ѓорѓе Новковиќ.

Со ова признание, Влатко Стефановски се приклучува на елитното друштво добитници на Porin Special Merit Award, меѓу кои се Sting, Roger Waters, John Lydon, Jean-Luc Ponty, Ron Carter и други музички легенди.

Зачлени се на нашиот е-билтен